На 16 септември 2022 година, 22-годишната Маша Амини почина во болница во Техеран, три дена откако била приведена од иранската „морална полиција“ поради наводно неправилно носење хиџаб. Нејзината смрт го запали движењето „Жена, живот, слобода“, најголемиот бран протести во Иран во последните децении. Четири години подоцна, задолжителниот хиџаб останува дел од иранскиот правен систем, но отпорот кон него е многу повидлив, додека земјата во меѓувреме се соочи со нови протести, економска криза и војна со САД и Израел.

Што се случило со Амини?
Амини била приведена на 13 септември 2022 година, во близина на метро-станицата Хагани во Техеран, додека била со својот брат. Полицијата му рекла на братот дека таа ќе биде одведена на „едукативен“ час во седиштето на моралната полиција. Според сведоштва и информации собрани од меѓународни организации, Амини била одведена во притвор откако била обвинета дека не го носи хиџабот правилно.
Неколку часа подоцна била пренесена во болницата Касра, каде паднала во кома. Починала на 16 септември. Иранските власти тврделе дека причина за смртта бил ненадеен срцев проблем, додека нејзиното семејство ги отфрлило тие тврдења и ги обвинило безбедносните сили. Случајот стана катализатор за масовни протести низ целата земја. Обединетите нации подоцна документираа сериозни прекршувања на човековите права поврзани со репресијата врз демонстрантите.

Иран по 1979: задолжителен хиџаб и морална полиција
Исламската Република Иран е основана во 1979 година, по револуцијата што го соборила режимот на шахот, тогаш поддржуван од САД. Набргу потоа носењето хиџаб станало задолжително за жените во јавноста, како дел од поширок систем на правила што го регулираат облекувањето и однесувањето.
Единицата позната како Гашт-е Иршад, односно „Патрола за насочување“, попозната како морална полиција, била формирана во 2000-тите за спроведување на правилата поврзани со облекувањето и „јавниот морал“. Токму оваа единица ја привела Амини во септември 2022 година.
„Жена, живот, слобода“
Смртта на Амини, чие курдско име Жина значи „живот“, го поттикнала бранот протести под слоганот „Жена, живот, слобода“ („Зан, Зендеџи, Азади“). Движењето брзо се проширило низ цел Иран и прераснало во едно од најголемите предизвикувања за Исламската Република од нејзиното основање.
Според податоците собрани од меѓународни организации за човекови права, стотици демонстранти биле убиени, а илјадници биле приведени. Мисијата на Обединетите нации за утврдување на фактите документирала незаконска употреба на сила, произволни апсења, тортура и сексуално и родово засновано насилство врз демонстранти и притворени лица. Во извештајот од 2024 година се наведува и дека моралната полиција продолжила насилно да приведува жени и девојки поради прекршување на задолжителниот хиџаб.
Моралната полиција: суспендирана, но не и укината
По масовните протести во 2022 година, иранските власти соопштија дека моралната полиција е суспендирана. Тоа, сепак, не значеше укинување на законите со кои задолжителниот хиџаб се спроведува. Во декември 2024 година беше одложено стапувањето во сила на новиот, построг закон познат како „Закон за заштита на семејството преку промоција на културата на целомудрие и хиџаб“. Законот предвидуваше значително построги казни за прекршувањата, вклучително и високи парични казни, затворски казни и ограничувања на пристапот до одредени услуги. Неговото стапување во сила беше одложено поради загриженоста дека би можело дополнително да ги разгори општествените тензии.
Во меѓувреме, властите продолжија да користат други механизми за спроведување на правилата. Обединетите нации документираа случаи на насилни апсења на жени без хиџаб, вклучително и на улици и во близина на метро-станици.

Скриено враќање, различно од град до град
Она што се промени по 2022 година не е укинувањето на задолжителниот хиџаб, туку начинот на неговото спроведување. Во делови од Техеран и други големи градови, сè почесто можат да се видат жени кои јавно се појавуваат без задолжителната марама, иако тоа формално останува спротивно на законот.
Истовремено, властите користат други форми на притисок, камери и технологии за идентификација, известувања преку СМС, затворање бизниси што услужуваат жени без хиџаб и други административни и полициски мерки. Обединетите нации уште во 2024 година документираа дека жените и девојките продолжуваат да бидат насилно приведувани поради наводно прекршување на правилата за хиџаб.
Нов бран протести и војна со САД
Во периодот 2025–2026 година Иран повторно беше погоден од големи протести, овојпат поттикнати пред сè од економската криза, инфлацијата и падот на вредноста на националната валута. Репресијата повторно беше дел од одговорот на властите. Потоа, на 28 февруари 2026 година, САД и Израел започнаа воена кампања против Иран. Во првите напади беше убиен врховниот лидер Али Хаменеи, а на негово место подоцна дојде неговиот син Мојтаба Хаменеи. Војната продолжи и во септември 2026 година, со периоди на интензивни напади и обиди за дипломатско посредување.
Во меѓувреме, економската состојба дополнително се влоши. Воените последици, санкциите и ограничувањата врз извозот на нафта создадоа дополнителен притисок врз иранската економија, додека инфлацијата и растот на цените продолжуваат да ја зголемуваат незадоволството во земјата.
Победа без формална промена на законот
Движењето „Жена, живот, слобода“ не успеа да ги укине законите за задолжителниот хиџаб, ниту да го собори иранскиот режим. Но, неговото влијание врз иранското општество е тешко да се занемари. Жените кои денес се појавуваат без хиџаб на улиците претставуваат видлив облик на граѓанска непослушност што пред 2022 година беше многу поретка и носеше поинаков степен на ризик. Истовремено, државата продолжува да ги задржува законските и институционалните механизми за казнување на таквото однесување.
Четири години по смртта на Машса Амини, затоа, „Жена, живот, слобода“ не може да се опише ниту како целосен пораз ниту како формална победа. Движењето не го промени режимот, но го промени јавниот простор и односот на значителен дел од иранското општество кон задолжителниот хиџаб. А додека Иран во 2026 година се соочува со војна, економска криза и нови форми на репресија, прашањето што го отвори смртта на Амини – кој има право да одлучува како една жена ќе живее, ќе се облекува и ќе се движи – останува едно од најчувствителните прашања во земјата.