Меѓународен ден на озонската обвивка, закана која го демне животот на Земјата

Пред четири децении, човештвото откри дека сопствената удобност, спрејовите и фрижидерите, прави дупка во штитот што го прави можен животот на планетата и за разлика од речиси секој друг еколошки проблем, реши да го поправи.

На 16 септември 1987 година, во канадскиот град Монтреал, светските влади го потпишаа договорот кој подоцна ќе се покаже како еден од најуспешните еколошки потфати во историјата на човештвото – Монтреалскиот протокол за супстанциите кои ја осиромашуваат озонската обвивка.

Речиси четири децении подоцна, озонската дупка над Антарктикот годинава беше петта најмала откако мерењата започнаа во 1992 година, а научниците веруваат дека обвивката е на пат кон целосно закрепнување. Приказната, сепак, не е толку едноставна колку што звучи, а еден неодамна откриен проблем можеби нè потсетува дека победата никогаш не е целосно загарантирана.

Невидлив штит, невидлива закана

Озонската обвивка е тенок слој гас во стратосферата, на височина од 15 до 35 километри над површината на Земјата, кој ги апсорбира најштетните ултравиолетови зраци од Сонцето. Без него, комплексниот живот на планетата, вклучувајќи го и човекот, едноставно не би бил можен во денешната форма.

Во седумдесеттите години на минатиот век, научниците почнале да откриваат дека одредени вештачки хемикалии, познати како хлорофлуоројаглероди (CFC), тогаш масовно користени во фрижидери, клима-уреди, спрејови и изолациона пена, се распаѓаат во стратосферата под дејство на ултравиолетовото зрачење, ослободувајќи атоми на хлор кои каталитички уништуваат илјадници молекули озон, секој поединечен атом.

Откритието што ги шокираше дури и научниците

Во 1985 година, тим на Британскиот антарктички истражувачки завод откри драматично намалување на озонот над Антарктикот, толку големо што првично претпоставиле дека станува збор за грешка во инструментите. Откритието на таканаречената „озонска дупка“ предизвика меѓународен шок и итно дејствување.

Истата 1985 година беше усвоена Виенската конвенција за заштита на озонската обвивка, а два огромни чекори подоцна, во септември 1987 година, светот го потпиша Монтреалскиот протокол – договор кој конечно наметна конкретни, обврзувачки рокови за целосно исфрлање на овие хемикалии од употреба.

Единствениот договор со целосна ратификација

На 16 септември 2009 година, точно на истиот датум, две децении подоцна, Виенската конвенција и Монтреалскиот протокол станаа првите договори во историјата на Обединетите нации што постигнаа целосна, универзална ратификација, а денес се потпишани од 198 страни. Ниту еден друг меѓународен договор, вклучително и оние за климатските промени, никогаш не постигнал ваков консензус.

Според проценките на УНЕП, Монтреалскиот протокол ќе донесе кумулативна здравствена корист од околу 1,8 трилиони долари до 2060 година, од кои 1,109 трилиони долари само од спречени случаи на рак на кожата, плус уште речиси 460 милијарди долари избегната штета за земјоделството, рибарството и материјалите.

Само во САД, американската Агенција за заштита на животната средина проценува дека протоколот ќе спречи 443 милиони случаи на рак на кожа, 2,3 милиони смртни случаи од рак на кожа и 63 милиони случаи на катаракта кај луѓе родени помеѓу 1890 и 2100 година. На светско ниво, до 2030 година се очекува протоколот да спречува по два милиони нови случаи на рак на кожа секоја година.

Дупката денес е помала секоја година

Годинашната озонска дупка над Антарктикот, измерена помеѓу 7 септември и 13 октомври, беше петта најмала откако мерењата на НАСА и НОАА започнаа во 1992 година и за 30 отсто помала од рекордно големата дупка забележана во 2006 година.

Дупката денес се затвора речиси три недели порано од просекот во последната деценија, а затворена е веќе на 1 декември 2025 година, што е најрано затворање од 2019 година наваму. Според пресметките на научниците, доколку нивото на хлор во стратосферата беше исто како пред 25 години, годинашната дупка ќе беше поголема за над еден милион квадратни милји.

Според последната научна проценка, целосно закрепнување до вредностите од 1980 година се очекува околу 2040 година за поголемиот дел од светот, до 2045 година за Арктикот и дури до 2066 година за Антарктикот.

Кинескиот скандал што замалку ја забави приказната

Успехот, сепак, не беше без пречки. Во 2018 година, група научници откри дека глобалниот пад на емисиите на CFC-11, забранетата хемикалија, значително се забавил по 2012 година, спротивно на очекувањата. Понатамошната детективска работа, преку станици за мерење во Јужна Кореја и Јапонија, го лоцира изворот во источна Кина, конкретно во провинциите Шандонг и Хебеј, каде што производителите на пена незаконски ја продолжиле употребата на поевтината, забранета хемикалија.

Меѓу 2014 и 2017 година, источна Кина емитувала околу 7.000 тони повеќе CFC-11 годишно отколку во претходниот период, што било одговорно за меѓу 40 и 60 отсто од глобалниот пораст.

По меѓународниот притисок и инспекциите на илјадници фабрики, емисиите повторно почнале да опаѓаат.

Нов проблем, откриен оваа година

Во април 2026 година, тим научници од МИТ објави наод кој можеби ги менува претходните проекции: постои правна дупка во самиот Монтреалски протокол ,изземање за употреба на супстанции штетни за озонот како „суровини“ (feedstock) во производството на други хемикалии, пластика и незагадувачки алтернативи.

Индустриските проценки за тоа колку од тие суровини реално истекуваат во атмосферата се покажале значително пониски од реалноста, а научниците проценуваат дека токму оваа правна дупка може да го одложи целосното закрепнување на озонската обвивка за дури седум години.

Втор чин: Кигали амандманот

Годинашната тема на Меѓународниот ден, „Глобално дејствување за поладна планета“, ја одбележува десетгодишнината од Кигали амандманот, договор усвоен во 2016 година кој го проширува опфатот на Монтреалскиот протокол надвор од озонот.

HFC-соединенијата, воведени како замена за CFC-соединенијата токму поради Монтреалскиот протокол, не ја оштетуваат озонската обвивка, но се исклучително моќни стакленички гасови. Амандманот предвидува постепено намалување на нивната употреба, поврзувајќи ја озонската приказна директно со борбата против климатските промени.

Лекција што ретко се повторува

Приказната за озонската обвивка останува еден од ретките примери каде што науката, меѓународната дипломатија и индустријата успеале заедно, релативно брзо, да го решат проблемот со глобални размери, пред тој да предизвика неповратна катастрофа.

Сепак, случајот со Кина и неодамнешниот наод на МИТ јасно покажуваат дека дури и најуспешните еколошки договори бараат постојана будност, независно научно следење и подготвеност на институциите да ги затворат правните дупки штом ќе се откријат, лекција со очигледна релевантност за многу поголемата и посложена борба против климатските промени.

е-Трн да боцка во твојот инбокс