Борбата околу иднината на вештачката интелигенција сè повеќе се претвора во судир меѓу две спротивставени визии. На едната страна се „доумерите“ или луѓето кои стравуваат дека доволно моќна ВИ може да предизвика катастрофални последици, па дури и исчезнување на човештвото. На другата се „бустерите“ или забрзувачите, кои веруваат дека развојот на технологијата треба да продолжи што побрзо и со што помалку ограничувања. А меѓу нив се наоѓаат компании и истражувачи кои се обидуваат да одат по средниот пат.
„Думерите“: ВИ може да стане закана за човештвото
Терминот „доумер“ потекнува од интернет-дебатите за вештачката интелигенција и се користи за луѓе кои се особено загрижени за најлошите можни сценарија од развојот на технологијата. Еден од најпознатите претставници на оваа позиција е Дарио Амодеи, коосновач и извршен директор на „Антропик“.
Амодеи претходно работел во „ОпенАИ“, но ја напуштил компанијата бидејќи сметал дека нејзиниот пристап кон безбедноста и потенцијалните ризици од ВИ не е доволно сериозен. Денес тој предводи компанија која истовремено развива едни од најнапредните системи за вештачка интелигенција, што отвора и критики за наводна противречност: како компанија може да предупредува на опасностите од ВИ, а во исто време да ја турка технологијата напред?
Меѓу најпознатите предупредувачи се и Џефри Хинтон, поранешен истражувач на „Гугл“, и Јошуа Бенџо, компјутерски научник и еден од пионерите на длабокото учење. По појавата на „Четџипити“ во 2022 година, нивните предупредувања за потенцијалните ризици од ВИ добија огромно внимание.
Тука е и физичарот од МИТ, Макс Тегмарк, основач на „Фјучр оф Лајф Институт“, кој во 2023 година организираше отворено писмо со повик за шестмесечна пауза во развојот на најнапредните системи за ВИ. Писмото го потпишаа илјадници луѓе, меѓу кои и Илон Маск. Уште порадикална позиција има Елиезер Јудковски, теоретичар кој повеќе од две децении предупредува дека доволно моќна вештачка интелигенција би можела да претставува закана за опстанокот на човештвото.
„Бустерите“: ВИ треба да се развива, а не да се сопира
На спротивната страна се таканаречените забрзувачи, луѓе кои веруваат дека технолошкиот напредок е неизбежен и во суштина корисен за општеството. Овој став е особено силен во Силиконската Долина, каде што развојот на ВИ е поврзан со огромни инвестиции и профити. Еден од највлијателните претставници е Марк Андрисен, коосновач на инвестициската компанија „Андрисен Хоровиц“. Во оваа група е и Дејвид Сакс, поранешен советник во Белата куќа за вештачка интелигенција.
Овој табор е генерално скептичен кон строгото регулирање на ВИ. Неговите претставници тврдат дека регулативата може да им даде предност на големите компании и да ги задуши стартапите кои немаат ресурси да ги исполнат скапите регулаторни барања.
Гари Тан, директор на стартап-инкубаторот „И Комбинатор“, е меѓу најгласните критичари на регулативата насочена кон безбедноста на ВИ. Аргументот на забрзувачите е едноставен: наместо да се сопира развојот поради хипотетички идни ризици, треба да се овозможи технологијата да напредува и да се создадат услови за иновации.
Џенсен Хуанг: „Изумирањето на човештвото“ е бесмислица?
Во овој табор се наоѓа и Џенсен Хуанг, извршниот директор на „Нвидиа“. Компанијата произведува графички процесори кои се клучна инфраструктура за современиот развој на вештачката интелигенција. Хуанг ги отфрла најцрните сценарија за ВИ и предупредувањата за можно исчезнување на човештвото ги оцени како целосна бесмислица.
Сепак, неговата позиција не значи дека се залага за целосно отсуство на правила. Хуанг поддржува создавање единствена федерална рамка за регулирање на ВИ во САД, како и систем на стручна процена во кој самата индустрија би имала значајна улога.
Во слична група е и Јан Лекун, еден од најпознатите научници во областа на ВИ, кој заедно со Хинтон и Бенџо ја доби Тјуринговата награда. Лекун со години ги смета предупредувањата за егзистенцијалната опасност од ВИ за претерани.
А каде е „ОпенАИ“?
Најинтересна е позицијата на големите технолошки компании, кои се обидуваат да балансираат меѓу предупредувањата за ризиците и огромниот притисок за побрз развој. „ОпенАИ“ во 2015 година била структурирана со идејата истражувачите, а не инвеститорите, да имаат последен збор за начинот на кој технологијата ќе се развива и применува. Безбедноста на човештвото била поставена како една од основните цели. Но, компанијата денес се наоѓа во многу покомплицирана позиција.
Под раководство на Сем Алтман, „ОпенАИ“ истовремено зборува за ризиците од ВИ, но и забрзано развива нови системи и модели. Во 2023 година Алтман беше привремено отстранет од функцијата извршен директор по внатрешен конфликт во компанијата, во кој значајна улога имаа прашањата поврзани со безбедноста и темпото на развој.
„Гугл“, „Мајкрософт“ и „Амазон“ одат по тенка линија
Слична е и ситуацијата со „Гугл“, „Мајкрософт“ и „Амазон“. Овие компании одамна зборуваат за важноста на безбедноста и одговорното користење на технологијата, но во исто време се обидуваат да избегнат регулатива што би можела значително да го ограничи нивниот бизнис. Токму затоа големата битка околу ВИ не се води само меѓу научници.
Таа се води и меѓу милијардери, технолошки компании, инвеститори, политичари и истражувачи – и станува едно од најважните прашања за тоа како ќе изгледа економијата и општеството во следните децении. Едните прашуваат: што ако создадеме технологија што повеќе не можеме да ја контролираме?
Другите прашуваат: што ако стравот од таа можност нè натера да го запреме најголемиот технолошки напредок во генерација? Одговорот сè уште не го знаеме. Но, битката околу него веќе е во полн ек.