Најмалку 38 луѓе загинаа во силниот земјотрес со магнитуда 7,7 што рано во саботата го погоди источниот дел на Индонезија, во близина на островот Флорес. Силното потресување предизвика уривање и оштетување на објекти, лизгање на земјиште и паника меѓу населението, а спасувачките екипи продолжуваат да ги пребаруваат урнатините во погодените подрачја.
Најтешко се погодени областите Сика, Мангарај и Источен Мангарај. Земјотресот бил почувствуван низ голем дел од Флорес, а првичните информации укажуваат на значителна материјална штета.
Околу 2.000 луѓе ги напуштиле домовите
Најмалку 2.000 жители од регионот Нагекео биле евакуирани во привремени засолништа. Жителите во паника ги напуштале домовите и се упатувале кон повисоките места, стравувајќи од дополнителни потреси и можен бран.
Еден од жителите на Нагекео изјавил дека во моментот на земјотресот се наоѓал на пазар и дека луѓето почнале панично да трчаат во различни правци. Неговото семејство успеало да се евакуира и, според неговите зборови, никој од нив не бил повреден.
Други жители сведочат дека земјотресот бил толку силен што луѓето веднаш почнале да бараат повисок терен.
Една жителка на Сика раскажала дека видела оштетени објекти и урната чекална на терминалот на пристаништето во Маумере.
Регистриран и цунами
По земјотресот бил регистриран и цунами, со бранови високи нешто помалку од еден метар. Поради опасноста биле издадени предупредувања, но тие биле укинати околу три часа по земјотресот откако не биле регистрирани значајни промени на нивото на морето.
И покрај укинувањето на предупредувањето, населението во погодените крајбрежни подрачја било повикано да остане внимателно поради можноста за дополнителни потреси.
Оштетени аеродроми и пристаништа
Последиците не се ограничени само на станбените објекти. Индонезиската Национална агенција за управување со катастрофи соопштила дека земјотресот погодил пет аеродроми во провинцијата Источна Нуса Тенгара.
Дел од аеродромските терминали биле оштетени, но пистите останале функционални. Тешко биле оштетени и две траектни пристаништа, додека другите пристаништа во регионот продолжиле да работат.
Лизгањето на земјиштето дополнително го отежнало движењето низ погодените подрачја. Делови од патната мрежа биле блокирани, што им создава дополнителни проблеми на спасувачите кои се обидуваат да стигнат до оддалечените населени места.
Спасувачите пребаруваат урнатини
Спасувачките екипи во Сика и Маумере продолжуваат да ги пребаруваат урнатините и да извлекуваат тела и преживеани. Работата е отежната поради оштетената инфраструктура, прекините во електричната енергија и проблемите со комуникациите.
За поддршка на спасувачките операции биле ангажирани хеликоптери и спасувачки брод, додека властите продолжуваат да ја проценуваат штетата во оддалечените населени места.
Во меѓувреме, Европската Унија најавила дека за потребите на потрагата и спасувањето ќе го активира сателитскиот систем „Коперник“.
Земјотресите не престануваат
Дополнителна загриженост предизвикал и новиот земјотрес што подоцна бил регистриран на индонезискиот остров Суматра. Тој бил со магнитуда 6,9 степени, според Европско медитеранскиот сеизмолошки центар.
Индонезија е едно од подрачјата во светот најизложени на земјотреси и вулканска активност поради нејзината положба на таканаречениот Огнен прстен околу Тихиот Океан. Земјата е составена од повеќе од 17.000 острови и често е погодена од силни земјотреси.
Регионот Нагекео и порано бил погоден од разорен земјотрес. Во 1992 година таму бил регистриран земјотрес со магнитуда 7,5, кој предизвикал големи разурнувања.
Во 2004 година, уште посилен земјотрес со магнитуда 9,1 кај западниот брег на Индонезија предизвика огромно цунами во кое во Азија и Пацификот загинаа околу 220.000 луѓе.