Приштина го симна украинското знаме: Државноста на Косово мора да се почитува

По изјавата на украинскиот претседател од Белград дека Киев нема да ја признае независноста, косовските власти порачаа дека слободата не се гради со подривање на други

Приштина упати директна порака до украинскиот претседател Володимир Зеленски дека слободата, дигнитетот и државноста на Косово мора да се почитуваат, откако тој од Белград повтори дека Украина го почитува територијалниот интегритет на Србија. Косовските институции нагласија дека нивната солидарност со народите што се соочуваат со војна и агресија е трајна, но кажаа дека ниту една политика не смее да се гради преку негирање на жртвата на косовскиот народ.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски за време на престојот во Белград потврди дека позицијата на Украина во однос на Косово останува непроменета. Тој истакна дека Киев доследно го почитува меѓународното право и територијалниот интегритет на своите партнери. Зеленски изрази благодарност до Србија за поддршката на суверенитетот на Украина во рамките на Генералното собрание на ОН, вклучително и за поддршката за суверенитетот над Крим.

Одговор од Приштина следеше брзо, со потсетување дека Косово многу добро знае што значи борба за опстанок и права. Градот Приштина и косовските претставници порачаа дека емпатијата кон оние што страдаат од воена агресија е непроменлива, но подвлекоа дека државноста на Косово е одлука заснована на праведен процес и голема жртва. Според нивниот став, ниту еден политички договор или дипломатски однос не треба да го оспорува правото на Косово да постои како независна држава.

Градоначалникот на Приштина, Пепарим Рама, на социјалните мрежи сподели дека се отстранети знамињата на Украина и симболите за поддршка кои беа истакнати во градот по руската инвазија во 2022 година.

„Кога Косово не се почитува, главниот град Приштина секогаш одговара исто“, напиша Рама на Фејсбук.

Украина официјално не ја признава независноста на Косово. Додека Приштина во неколку наврати ѝ даде поддршка на Украина по почетокот на руската инвазија, Киев одржува внимателна дипломатска линија, одржувајќи ги односите со Србија врз основа на взаемно признавање на меѓународно признатите граници.

е-Трн да боцка во твојот инбокс