Оваа недела пет балкански држави (Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и Македонија) се соочија со координиран бран лажни дојави за бомби кој ги испразни училиштата, ги вознемири граѓаните и ги стави безбедносните служби во постојана подготвеност.
Иако ниедна закана досега не се покажа како вистинска, ефектот е сосема реален: исплашени родители, прекината настава, испразнети објекти и институции кои секое утро мораат да постапуваат како заканата да е автентична.
Само денеска во Хрватска, дојави за експлозивни направи пристигнале до 16 средни училишта во Приморско-горанската жупанија. По евакуациите и полициските проверки, наставата во дел од нив продолжила откако не била пронајдена никаква опасност. Набрзо потоа, слични пораки пристигнале и за два трговски центри во Риека, кои исто така биле испразнети.
Станува збор за образец кој се повторува низ целиот регион. Од почетокот на неделата Хрватска регистрирала дојави во Загреб, Сплит, Дубровник и другите жупании, а секој случај ја покренувал истата процедура: евакуација, полициски преглед и враќање на учениците дури по потврда дека објектот е безбеден.
Идентична ситуација се забележува и во Црна Гора, каде дојави пристигнале до училишта во Цетиње, Бар, Тузи, Беране и други градови. Полицијата таму најави дека до крајот на учебната година ќе спроведува проверки секое утро пред почетокот на наставата. Во Бар, две средни училишта биле евакуирани по е-мејл дојава, но по темелна проверка не била пронајдена никаква направа.
Во Босна и Херцеговина закани биле упатени до училишта во Сараево, Тузланскиот кантон и Херцеговачко-неретванскиот кантон, вклучително во Мостар, Коњиц, Чапљина и Неум, најчесто преку електронска пошта, со исти последици: евакуации и прекин на наставата.
Регионалниот опсег на дојавите укажува дека не се работи за изолирани инциденти или ученички несериозности. Од крајот на март слични закани се евидентирани во Србија, БиХ, Црна Гора, Македонија и Хрватска, а целите се повторуваат. Заканите најчесто се упатени кон училишта, трговски центри, хотели и државни институции. Тоа ги вклопува овие настани во образецот на хибриден притисок: не мора да експлодира бомба за да се создаде хаос, но доволно е системот постојано да биде принуден да реагира, а граѓаните да живеат со чувство на постојана нестабилност.