Локалните власти на Халкидики воведоа привремена забрана за пристап до повеќе шумски области на полуостровот, поради зголемен ризик од шумски пожари во северна Грција.
Мерката, наредена од заменик-регионалниот гувернер на Халкидики, Јанис Куфидис, се однесува на пешаци и на сите видови возила, на кои им е забранет влез во одредени шумски подрачја во општините Касандра, Ситонија и Аристотелис, објавија грчките медиуми.
Според „Катимерини“, ограничувањето е на сила во сабота, од 8:00 до 20:00 часот, како дел од превентивните мерки за заштита од пожари.
Каде важи забраната?
Во општина Касандра, забраната се однесува на сртот на полуостровот Касандра, од Касандрино до Агија Параскеви, како и на шумските области Арапис и Халковуни во локалната заедница Паљури.
Во општина Ситонија, ограничувањето важи за сртот на полуостровот Ситонија кај Драгундели, од задругата на пчеларите до Сикија.
Во општина Аристотелис, забраната се однесува на шумската зона од Комица до Уранополис, како и на областите Цамија Стратоникис, Фисока и стрелиштето Стратони.
Апел до жителите и туристите
Властите ги повикаа жителите и посетителите строго да ги почитуваат ограничувањата, со цел да се намали ризикот од избувнување и ширење пожари во период на опасни временски услови.
Халкидики е една од најпосетуваните туристички дестинации во северна Грција, а мерката доаѓа во период кога високите температури и сувата вегетација го зголемуваат ризикот од пожари на отворено.