Стоп за очила со камери: Норвешка воведува забрана за AI очила на јавни места

Владата во Осло стравува дека граѓаните стануваат мета на тајно снимање во паркови, на плажи и во соблекувални без нивно знаење и согласност.
Фото: cavebear42, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Норвешката влада планира да предложи привремена забрана за користење паметни AI очила на јавни локации каде што редовно се собираат луѓе, соопштија властите во Осло, пренесува Ројтерс. Мерката доаѓа како одговор на растечкиот страв од тајно фотографирање и снимање без согласност на граѓаните, со што земјата станува една од првите во Европа што повлекува конкретна граница против уредите со вградени камери.

Според официјалното владино соопштение, новите ограничувања се насочени кон отворени и затворени простори каде што луѓето поминуваат слободно време. На листата се наоѓаат градските паркови, плажите, музеите, трговските центри и масовните јавни настани.

Посебен акцент се става на заштитата на децата и ранливите категории, па забраната директно ги опфаќа училиштата, детските игралишта и младинските клубови. Рестрикцијата ќе важи и за места каде што интимата е строго заштитена, како лекарските ординации, јавните базени, фитнес-центрите и спортските соблекувални.

Норвешкиот министер за дигитализација и јавна администрација, Торгеир Микаелсен, отворено предупреди на опасностите што ги носат ваквите технолошки додатоци во секојдневието.

„Загрижен сум поради воведувањето нова, моќна технологија кај која постои ризик луѓето да бидат фотографирани, снимани или звучно забележани, а притоа воопшто да не се свесни за тоа“, изјави Микаелсен.

Од владата појаснуваат дека целта не е целосно уништување на пазарот за паметни уреди, туку заштита на основните граѓански слободи. Приватната употреба во домашни услови, како и користењето во ситуации каде што нема никаква опасност од нарушување на туѓата приватност, ќе останат дозволени.

Надлежните норвешки тела допрва прецизно ќе дефинираат кои точно технички модели ќе потпаднат под законот, со фокус на моделите опремени со видеокамери, микрофони за аудиоснимање и директна врска со вештачка интелигенција.

Овој норвешки потег претставува преседан што директно го отвора прашањето за регулацијата на уредите за носење низ цела Европа. Додека глобалните технолошки гиганти агресивно ги промовираат очилата со камери, македонските и регионалните закони за заштита на личните податоци сè уште немаат јасна правна рамка за уреди кои снимаат од прво лице без видлив индикатор.

е-Трн да боцка во твојот инбокс