Македонија се наоѓа пред нов бран на екстремно топло време, со дневни температури кои на одделни места ќе надминат 40 степени Целзиусови. Според Управата за хидрометеоролошки работи, најтоплиот период пристигнува од четврток до недела, кога во попладневните часови за викендот се очекува и локална нестабилност проследена со пороен дожд, силен ветер и појава на град.
Уште во утринските часови денес беа измерени високи температури ширум земјата. Во 11 часот, Гевгелија беше најтоплиот град со измерени 32.4 степени. По неа следат Зајчев Рид со 30.6 и Скопје-Петровец со 29.7 степени, додека во Струмица и Велес живата во термометарот достигна скоро 30 степени. Најсвежо во истиот термин беше на Попова Шапка со 17 степени и во Крушево со 21.4 степени.
Слични услови се очекуваат и во главниот град, каде за денес е прогнозирана максимална температура до 36 степени со релативна влажност од 18% и притисок од 978 хектопаскали.
Од четврток следува дополнително затоплување под влијание на стабилна и многу топла воздушна маса. Ветерот ќе го промени правецот кон југоисточен и повремено ќе засилува долж Повардарието.
Минималните температури во петок и сабота ќе се движат од 13 до 24 степени, додека дневните ќе се искачат во опсег од 34 до 41 степен Целзиусов. Највисоките вредности се очекуваат во недела.
И покрај високите температури, за деновите од викендот (22 и 23 август) се предвидува зголемување на облачноста во попладневните часови. Ќе има услови за развој на нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Изолирано е можна и појава на невреме со силен ветер и град.
Според официјалните хидролошки мерења од УХМР, водостоите на повеќето реки се во рамки на просекот за август. Реката Вардар кај Скопје бележи ниво од 69 сантиметри (просек за август е 70), кај Велес е 42 сантиметри, а кај Демир Капија 126 сантиметри.
Во однос на природните езера, температурата на водата во Дојранското Езеро изнесува 26.8 степени Целзиусови, во Преспанското Езеро кај Наколец е 23 степени, а нивото на Дојранското Езеро и понатаму се наоѓа на 100 сантиметри под договорениот минимум.