Топли октомвриски денови до 28 степени, од петок следува пресврт

Сончевото и релативно топло време ќе се задржи до четврток. Од петок и за викендот следуваат пообилни врнежи од дожд, грмежи и северен ветер.

Македонија продолжува да ужива период на сончево и невообичаено топло време со дневни температури до 28 степени, но од петок следува драстична метеоролошка промена. Метеоролозите најавуваат локално пообилни врнежи од дожд, особено во западните делови, проследени со ретки грмежи и пад на температурите.

Средината на работната недела носи изразена температурна разлика меѓу ноќните и дневните часови. Утрата ќе се задржат претежно ведри и студени, со минимални вредности што во среда на места ќе се спуштат до -2 степени.

Преку денот ќе преовладува сончево и релативно топло време, под влијание на јужно струење. Во четврток живата во термометарот ќе достигне меѓу 21 и 28 степени, при што ќе дува умерен јужен ветер, поизразен долж Повардарието. Во Скопје исто така се очекува сончево време со слаб до умерен јужен ветер.

Сувиот и топол период завршува во петок, кога од запад пристигнува влажен бран со променливо облачно време и врнежи од дожд. Локално дождот ќе биде со пороен карактер и значително пообилен, особено во западните региони од земјата, каде процесите ќе бидат проследени со ретки грмежи.

Влажното време ќе продолжи и за време на претстојниот викенд, додека дневните температури ќе бележат благ пад и ќе се движат до 27 степени. Во текот на денот во недела ќе настапи нова промена на атмосферската циркулација, при што ветерот ќе го смени правецот во северен.

е-Трн да боцка во твојот инбокс