Војната во Иран прави недостиг на нафта, цените ќе останат високи со години

Оштетените рафинерии на Блискиот Исток и падот на преработката на нафта во Русија ги доведоа глобалните залихи на историски минимум.

Воениот конфликт во Иран нанесе тежок удар врз глобалната преработка на нафта, поради што високите цени на горивата можат да се задржат со години, покажува анализата на Ројтерс. Иако пазарот на сурова нафта засега го апсорбира падот на производството, рафинериите немаат капацитет да ги надоместат загубите. Европскиот дизел од почетокот на војната поскапе за повеќе од 70 отсто, додека американскиот бензин забележа раст од околу 60 проценти.

Воените дејствија исфрлија од функција над 20 отсто од рафинериските капацитети на Блискиот Исток. Дополнителен притисок создаде затворањето на Ормутскиот Теснец, преку кој се одвиваше значителен дел од извозот. Повеќе од 20 рафинерии во регионот на Персискиот Залив претрпеа директни оштетувања, а поправките ќе бараат долг временски период поради бавната испорака на специфична опрема.

Проблемот се прелева и од истокот на Европа. Украинските напади врз руските енергетски капацитети ја намалија преработката во Русија за речиси 30 отсто, спуштајќи ја под четири милиони барели дневно. Како директен одговор на домашниот недостиг, Москва во јули воведе целосна забрана за извоз на дизел.

Диспаритетот меѓу цената на суровата нафта и финалните деривати достигна екстремни нивоа. Додека барелот „брент“ се движи околу 90 долари, разликата меѓу цената на дизелот и суровата нафта во Европа се зголеми на преку 75 долари за барел. Во САД, маржите за дизел пораснаа за над 140 отсто и достигнаа рекордни 100 долари.

Според Меѓународната агенција за енергија, глобалната рафинериска преработка во вториот квартал беше за 5,1 милион барели дневно помала во споредба со лани. Светската побарувачка за деривати истовремено падна за четири милиони барели, но тоа не беше доволно да го покрие падот на понудата, оставајќи дневен дефицит од преку еден милион барели.

Глобалните резерви на нафта меѓу март и јули бележеа пад од 3,5 милиони барели дневно. Податоците на американските власти покажуваат дека резервите на дизел во САД се на најниско ниво за овој период од годината во последните три децении, додека залихите на бензин се на сезонски минимум незапаметен од 2012 година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс