Во Сплит стапи на сила забрана за продажба на алкохол по 21 часот

Со одлуката се забранува продажба на алкохолни пијалоци во сите малопродажни објекти во Сплит од 1 јуни до 15 септември, секојдневно од 21:00 до 06:00 часот

Градот Сплит објави дека одлуката за ограничување на продажбата на алкохолни пијалоци и други пијалоци што содржат алкохол во целиот град ќе стапи на сила денес.

Со одлуката се забранува продажба на алкохолни пијалоци во сите малопродажни објекти во Сплит од 1 јуни до 15 септември, секојдневно од 21:00 до 06:00 часот.

„Мерката се донесува во интерес на заштита на јавното здравје, јавниот ред, културното наследство и животната средина, со цел намалување на нарушувањето на јавниот ред, бучавата и загадувањето на јавните површини поврзани со консумирање алкохол во текот на ноќта за време на туристичката сезона. Градот Сплит им се заблагодарува на сите деловни субјекти и граѓани кои, почитувајќи ја Одлуката, ќе придонесат за остварување на нејзините цели, во корист на целата локална заедница“, соопшти Градот Сплит.

Иако Градот Сплит претходно воведе казни од 300 евра за низа прекршоци – од пиење алкохол на јавни места до мокрење и качување по споменици – нередот ноќе досега не е смирен, а општинските служби и жителите на Сплит секое утро се сведоци на уништени и загадени улици. Со денешната забрана за ноќна продажба на алкохол во продавниците, градските власти се обидуваат да стават крај на масовното снабдување со пијалоци среде ноќ.

е-Трн да боцка во твојот инбокс