Search

Во село Смилево, демирхисарско ќе се одржи новата Манифестација Смилевски конгрес

На 17-ти и 18-ти мај, за прв пат ќе се одржи манифестацијата Смилевски конгрес во селото Смилево, демирхисарско. Имено, НУ Манифестација Смилевски конгрес – Смилево, е нова национална установа под Министерство за култура, која од оваа година почнува со работа.

Идеата на манифестацијата е преку креативна културна политика да се обиде да презентира авторски дела од културата чија мисија ќе биде едно поинакво читање на народната и современата култура, како жива материја и коректив во современото визуелно општество.

Тимот на Манифестацијата е составен од стручни лица од културата, истакнати и докажани во својата област и сите со заеднички став: дека квалитетната авторска култура е генератор на вистински вредности, клучни за нашето современо живеење и светоглед.

Манифестација ќе понуди автентични уметнички дела, без посебни амбиции да учествува во масовната културна продукција, но со намера, волја, знаење и смелост да визионира, да создаде решенија за најгорливите проблеми во сите клучни микро сегменти во културата и да се залага за нивно спроведување. Таа ќе биде отворена кон сите коишто во нејзиниот глас ќе препознаат добронамерност и борба за убавото и кон оние кои сакаат да се ангажираат за општото добро без притоа да очекуваат директна лична корист.

    Главната програма на Манифестација „Смилевски конгрес“ ја сочинуваат две фестивалски вечери и неколку придружни предфестивалски активности како изработка на ленд арт инсталација која ќе го пренесува просторот и амбиентот низ уметнички филтри и цитати инспирирани од концептот на Смилевски конгрес.

    Првата вечер именувана Омаја е насочена повеќе кон традиционалниот аспект на манифестацијата, каде традицијата е во служба на наративот, а никогаш чисто покажување на техника. Првиот мултидисциплинарен настан од фестивалската вечер Омаја, во форма на музички и визуелни колоритни творби, ќе се обиде да ги детерминира и да приложи одредена поетика за трите суштински аспекти на проектот: музички, визуелен и изложбен.

    Имено, авторска музика која знае да звучи драматично од една страна, но и топла и пријатна  – од друга страна ќе биде изведувана во живо пред публика и професионални уметници, кои инспирирани од музиката што ќе се изведува и од амбиентот во с. Смилево, ќе се обидат да изведат инсталација што ќе биде изложена во седиштето на Смилевски конгрес. Музиката, претходно наменски компонирана токму за перформансот, во улога на омаја ќе го инспирира и опрашува интерактивното дело на уметниците со публиката. Во исто време посетителот ќе биде и учесник во таа симболична жива комуникација. Перформансот ќе биде изведен во куќата каде што е роден Даме Груев која воедно е седиште на националната установа. Овој простор, што ќе биде ангажиран и смислен со цел, на настанот ќе му даде особена атмосфера, акцент и асоцијација за вредноста на народната култура, како и критика кон реновирање и ревитализација, вклопување во просторот и доближување кон идејата и целите на проектот.

    Вториот дел од фестивалската вечер Омаја замислен како прослава и славење на основањето на манифестацијата ќе биде обележан преку музички концерт. Некои од уметниците ќе направат музички современ осврт на познатата песна „Смилево славно в оган гори“. Целиот настан, преку ХНУ (истражувачко студио за храна, наука и уметност), ќе биде поддржан со кулинарските способности на некои уметници: уметниците готват специфични рецепти од нивната кујна и кулинарски навики за публиката.

    Rn’T (rhythm and tangle) „ритам и плетка“ е концептот на втората фестивалска вечер повеќе насочена кон современиот аспект на Манифестацијата. Ритамот е основен принцип во архитектурата, дизајнот, литературата и поезијата, музиката, балетот, театарот, применетата и декоративна уметност, додека, пак, ритмичката плетка на основните елементи (линија, големина, текстура, форма, волумен, боја, тон) е градежна материја за методологијата во уметноста. Токму народната уметност е изградена врз основа на овие принципи на повторување, односно ритам на одредени елементи во одреден простор и метрика. Но ова важи и за современата музика во чија подлошка како основна карактеристика се јавува повторно репетитивноста. Доволно е да го споменеме рокенролот, електронската музика, џезот, авангардната сцена. Токму тој принцип, ритамот како културен ресурс, го одредува концептот на втората фестивалска вечер. Целта е да видиме како ритмите, дел од македонското културно милје – културата домаќин, плетат едно единство со извезни разлики, заемности и сличности со културата – гостин. Ако традицијата е сплет на културни наследства, ќе чуеме дека музичката плетка е начин на размислување и комуникациски акт што кај различни култури различно се манифестирал. Преку ваквите културни меѓуетнички преземања и акултурации ќе видиме како културите проникнуваат една во друга, каде се разидуваат и како се откриваат и надополнуваат меѓусебно.

    Во втората фестивалска вечер ќе настапат меѓународни изведувачи и македонски автори чии фокус е во современиот концепт на авторската уметност со нитки од традицијата, каде традицијата е во служба на наративот, а не во чисто покажување на виртуозна техника или директна разголена естетикa.

    Најново

    Последни колумни