По повод меѓународниот ден на трудот, екипата на „Внимание“ ги праша граѓаните: Ако први мај е денот на работниците, дали сите други денови се на газдите? Еве што ни кажаа граѓаните: „Јас би рекла дека сите денови се денови на газдите, исто така и први мај, со оглед на тоа што не се здружуваме колективно да протестираме против газдите барем еден ден“, „Да, дефинитивно се на газдите… зашто експлоатираат… никој не ти дава пари колку што заслужуваш, секогаш добиваш помалку пари“, „Сите денови се денови на газдите, први мај е само така… живееме во такво време на капитализам, алчност, се е буквално сведено на пари и моќ, каде што работникот не ги ужива своите права во целост“.
На прашањето „Зошто имаме европски цени, а немаме европски плати?“, граѓаните ни укажаа: „Затоа што живееме во Македонија, за жал“, „Па веројатно е до стандардите, затоа што не сме во Европска Унија“, „Тоа е проблемот, што немаме европски плати… проблемот е што ние имаме недоволно високи плати за тие производи да ги купуваме“, „Мислам дека треба да се покачат платите, бидејќи реално, се е поскапено“, „Платите овде се мизерни…“.
А еве што ни кажаа граѓаните на прашањето „500 евра минимална плата, малце е или многу?“ – „Малце е, дефинитивно, треба минимална плата, сметам, илјада евра“, „Многу не е, сигурно… но во однос на цените, се е малку“, „може да е малку, ама е доволно во однос на тоа каква е сега платата“, „сметам дека 500 евра плата е понижувачки, 500 евра е живеење на раб на егзистенција“, „посебно за студенти е многу мала плата, нели, немаат искуство, и мора на минимална да се започне“, „трошоците се енормни, цената на храната е огромна, сметките за струја се огромни, делиме буквално стандард со Германија во однос на цени, а платите се, да не ги навредам, афрички“.
Во анкетата на „Внимание“, граѓаните даваат интересни одговори и на прашањето „Што повеќе ги загрозува работниците – вештачката интелигенција или алчноста на газдите?“ – „Алчноста на газдите, но со тек на времето и вештачката интелигенција многу ќе ги загрози граѓаните. Вештачката интелигенција може да ги смени луѓето, да има роботи што се ќе прават место луѓето“, вели една млада скопјанка.