Search

Влијанието на изложеноста на екраните кај адолесцентите

Децата се раѓаат со вродена способност да учат и осознаваат во секоја средина. Родителите во денешно време не го ставаат фокусот на вештините кои се навистина потребни за да се развијат кај децата од најмала возраст. Се  повеќе се наметнува темпото кое ја нагласува потребата на едукативните програми кои се следат исклучиво на екрани, наместо напорни и здодевни книги кои вклучуваат обемни лекции и материјали. Особено сега, во модерните услови за живот, повеќето млади после училишната програма поголемиот дел од остатокот од денот го минуваат во своите домови гледајќи во екраните на паметните телефони, телевизорите или компјутерите.

Меѓутоа, тоа не е добро, особено за лицата  кои се во фаза на  интензивен неврокогнитивен развој. Истите, потребно е  да се здобијат со соодветни стимулации кои понатаму ќе придонесат за нивен здрав раст и развој. Навремената стимулација има за цел да го поттикне интелектуалниот, сензомоторниот, емоционалниот и социјалниот развој, и на тој начин адекватно ќе им се обезбеди независно, успешно и активно учество во секојдневниот социјален живот. На лицата кои во голема мера се изложени на екрани им останува помалку време за игра, вежбање и интеракција со другите врсници од реалниот свет.

Технологијата и модерниот начин на живот оставаат длабоки ефекти врз размислувањата и изразувањето на чувствата на личноста. Младите пак, кои се изложени на видео игри имаат многу помала можност да се фокусираат, да се концентрираат, да одржат подолготрајно внимание, не се во можност да се задржат подолг временски период на една активност, во споредба со иста возрасна категорија на лица кои имаат конкретизирано минимално користење на технологија.

Младите имаат тенденција да размислуваат за нештата само површно  и се потешко им е да ја развијат способноста да размислуваат критички.  Послабо се снаоѓаат во задачи со читање, имагинацијата и креативноста во играта се речиси на ниско ниво, а паралелно со тоа пропратени се и отстапувања во психомоторниот развој, моторичкиот развој и во говорниот развој во вид на аграматичност каде особено е присутно користење на интернационализми и недоволен развој на мајчиниот јазик.

Мобилните уреди емитуваат бранови што можат негативно да влијаат врз развојот на индивидуалните мозочни структури, па затоа се препорачува намалена изложеност во вечерните часа и спиење без мобилни уреди. Понекогаш содржината на видео игрите не соодветствува  со возраста на лицето од аспект што не може да разбере и не може да ги долови информациите од играта на адекватен начин.Со процесирање на информации кои не се адекватни кај лицето може да се создаде фрустрации, негативни емоции, психички замор за други активности па дури и зависност.

Неодамнешните истражувања покажаа дека прекумерната изложеност на екраните на дигиталните уреди доведува до поголема веројатност да се развијат опсесивно компулсивни нарушувања кои пак спаѓаат во групата на анксиозни нарушувања. Секако тоа се одразува понатаму со намалена самодоверба и чувство на страв, конфузија и повлеченост. Лицето во оваа фаза може лесно да стане психички запуштено и во таков случај потребно  е родителите да се вклучат во соработката со психологот и на тој начин да научат како да го поттикнат психосоматскиот развој. Се нарушуваат и обрасците на сонот бидејќи мобилните уреди зрачат бела светлина а нивното влијание ги доведува  до хроничен проблем со спиењето кој понатаму може да резултира со појава на депресија.

Меѓу другото, премногу време минато пред екрани може да доведе до разни последици кај адолесцентите,  како психички така и физички, како на пример дебелина и кратковидност. Со цел да се намалат потенцијалните ризици а од  друга страна да се зголемат придобивките од дигитализацијата, најдобро е да се постават граници односно, изложеност на екрани минимум еден час дневно. Да се постават приоритети, односно учењето домашните задачи и интеракцијата со соучениците во процесот на едукација ќе бидат приоритет, а екранот ќе дојде веднаш после завршувањето на обврските како награда. Да се прави контрола на содржината. Добро е лицето да стекне социјален имунитет и да биде во тек со содржините кои ги следат неговите врсници, но доколку сака да истражува некоја несоодветна тема, охрабрете го да да размислува критички-  дали и колку е корисна таа тема за него.

Модерното време и брзиот начин на живот го поттикнуваат вклучувањето на алармот за тоа колку младите се изложени на електронски уреди и дигитализација  и за сметка на тоа фрапантен е податокот дека на сето тоа се гледа како составен дел од секојдневниот живот на сите млади. Во минатото, имаше еден поинаков начин на живот каде телефоните и сите останати уреди беа фиксни додека пак, младите и возрасните беа мобилни. Денес, гледано од оваа временска перспектива улогите се заменети и сите ние постанавме фиксни, додека пак сите уреди за комуникација постанаа мобилни.

Авторката е логопед во Центар за психофизичко здравје Гаспар

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни