Владата на Орбан со тајни владини одлуки поделила милијарди

Документите откриваат како Будимпешта прераспределувала пари од буџетот за приватни компании, фондации и недвижности.

Владата на Виктор Орбан пред изборите донела 2.000 тајни владини одлуки преку кои распределила најмалку 1,35 милијарди евра, односно 500 милијарди форинти од јавните средства. Податоците излегоа на виделина откако Кабинетот на премиерот му отстапи дел од доверливите документи на унгарскиот истражувачки портал 24.hu, откривајќи системско заобиколување на јавните процедури и насочување буџетски пари кон поврзани субјекти и приватни бизниси.

Унгарскиот медиум доби пристап до вкупно 55 документи потпишани директно од Орбан. Овие акти се донесени како нејавни одлуки за кои владините служби процениле дека нивното објавување веќе не загрозува безбедносни, одбранбени или правни постапки.

Според службената нумерација, најмалку 28 одлуки од истиот пакет остануваат целосно класифицирани и недостапни за јавноста. Сите декласифицирани решенија главно третираат прераспределба на буџетски пари. Правниот директор на унгарскиот огранок на „Транспаренси интернешнл“, Миклош Лигети, посочи дека ваквата пракса претставува директно кршење на законите и непочитување на сопствените владини прописи за трошење јавни финансии.

Документите прецизираат дека парите се доделувани на приватни корпорации, фондации, граѓански здруженија и културни организации, а значаен дел служел за директно финансирање на купување недвижен имот.

Како една од најголемите финансиски инјекции се издвојува поддршката за компанијата „Vajda-Papír Kft.“ за погон во градот Дунафелдвар, во износ од над 11,5 милијарди форинти, што е приближно 31,1 милион евра.

Унгарскиот механизам на финансирање преку затворени владини одлуки со години е предмет на интерес и во регионот, вклучително и во Македонија. Ваквото арбитрарно пренасочување средства без собраниска контрола ги потврдува критиките на европските институции за системска корупција во Будимпешта.

е-Трн да боцка во твојот инбокс