„Отворивте војна со народот”, Здрава Котлина по судската одлука со која Вишиот управен суд го врати Еуромакс во трката за рудникот Иловица

Вишиот управен суд го реанимира Еуромакс, а со тоа и прашањето кое четиринаесет години никој не сака да го реши
Рудникот Иловица треба да се отвори на падините на планината Огражден
Огражден

Вишиот управен суд ја поништи одлуката со која претходно беше запрено спојувањето на концесиите за рудникот Иловица-Штука, со што Владата е повторно должна да одлучи по барањето на Еуромакс Ресурси. Екоактивистите од Здрава Котлина обвинија дека Владата свесно не вложила приговор и дозволила роковите да поминат, а денес порачаа дека нема да дозволат копање на Огражден.

Вишиот управен суд донел пресуда со која се поништува одлуката за престанок на важноста на спојувањето на концесиите Иловица 6 и Иловица 11, со што предметот се враќа на повторно одлучување во Владата. Актуелната влада веднаш се дистанцираше, соопштувајќи дека станува збор за „наследена правна состојба” која произлегла од одлуките донесени во јуни 2023 под претходното мнозинство, кога концесиите прво беа споени, а потоа поништени во рок од еден месец.

Здрава Котлина не го прифаќа тоа образложение. Активистите посочуваат дека актуелната Влада не вложила приговор против пресудата и дека свесно дозволила роковите да поминат, со што судската одлука стана правосилна без отпор.

Студиите на Еуромакс предупредуваат на трајно загадување

Борбата на Здрава Котлина не е само политичка. Во основата на отпорот лежат еколошки аргументи изведени од самата документација на концесионерот.

Студијата за влијание врз животната средина, подготвена за Еуромакс Ресурси во 2016 година од компанијата Шлумбержер Вотер Сервисис, утврдила дека околу 45 отсто од отпадниот материјал од рудникот ќе генерира кисела дренажа. Уште позначајно, истата студија констатира дека третирањето на киселите исфрлања по затворање на рудникот „веројатно нема да биде изводливо со пасивна технологија” поради нивото на киселост кое ќе се создаде. Со поедноставени зборови: откако ќе се ископа она што може да се ископа и Еуромакс ќе си замине, проблемот ќе остане без решение.

Активистите покажуваат и хидрогеолошки мапи, исто така дел од Еуромаксовата ESIA студија, кои илустрираат ширење на сулфатно загадување кон Струмичката Рамница со тек на децении по затворање на рудникот.

Дополнителен аргумент на активистите е економски. Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2021 година само Југоисточниот плански регион генерирал нето-додадена вредност во земјоделство од околу 175 милиони евра, повеќе отколку вкупното рударство во Македонија истата година. Со отворање на рудникот на Огражден, велат активистите, се жртвува докажан и обновлив извор на приход заради ископување кое трае 22 години, а загадувањето останувa со векови.

Концесијата на Еуромакс е издадена во 2012 година. Законскиот максимален рок за поднесување барање за дозвола за експлоатација е четири години. Во 2026 година, дозволата сè уште не постои. Меѓувреме, концесиите беа продолжувани, споени, поништени и повторно враќани на одлучување преку синџир на судски постапки, а концесионерот отворено предупредуваше на меѓународна арбитража доколку Владата не постапи по неговите барања.

Здрава Котлина тврди дека оваа „правна неизвесност” не е случајна. Со секој нов судски круг, концесиите добиваат нов живот, а прашањето за одземање поради неисполнување на законските обврски се одложува.

е-Трн да боцка во твојот инбокс