Search

Вештачката интелигенција еволуира: Гледа, слуша, зборува…

Вештачката интелигенција еволуира… и тоа мошне брзо. OpenAI, компанијата која го лансираше најпознатиот голем јазичен модел, изминативе денови најави негово ажурирање. Во првата фаза тоа ќе биде достапно само за платените верзии на ChatGPT – Plus и Enterprise. Иновациите ќе го направат четботот уште посличен на различните гласовни асистенти што веќе ги знаеме, но со супериорен капацитет за дијалог – апликацијата ќе може да гледа, чита и да зборува, трансформирајќи се во „човек“ со вештачка интелигенција.

Новото ажурирање предвидува дека ќе можеме директно да разговараме со вештачката интелигенција, поставувајќи ги гласовно прашањата што сме свикнале да ги типкаме со тастатурата. Одговорите исто така ќе ги добиеме гласовно, со гласови обработени со софтверот Whisper. Притоа сите гласови на ВИ се развиени со помош на професионални актери кои го позајмија нивниот глас за помош во генерирањето на гласови со тембр сличен на реалните. На кратко – наскоро ќе може да разговараме со нашиот дигитален асистент, слично како што тоа го правеше ликот на Хоакин Феникс, Теодор, во филмот Таа (Her, 2013).

OpenAI најави и соработка со Spotify, страницата за стриминг, за превод во реално време на подкастите присутни на платформата, од англиски јазик на шпански и на француски јазик.

Но, најинтригантна е една друга надградба – ChatGPT ќе може да анализира текстови и слики. На пример, ќе можете да побарате да датира одредена фотографија, да реши математичка задача покажувајќи му равенка испишана на лист хартија, да развие рецепт со фотографирање на достапните состојки или, уште поедноставно, со помош на слика од внатрешноста на фрижидерот.

Од друга страна од OpenAI признаваат дека се свесни за еден очигледен проблем. Со ваков потенцијал, ChatGPT би можел да се користи од страна на злонамерни луѓе во цел на смислување измами. Поради оваа причина, тие се ставаат на располагање за соработка со регулаторните тела, за да се ограничи употребата на новото ажурирање за строго специфични потреби, какви што се образовните, научните или корпоративните цели.

Извор: openai.com

Најново

Последни колумни