Топлотните бранови со температури кои достигнуваат и до 40 степени претставуваат голем ризик по здравјето. Иако клима-уредот е одлично решение во вакви услови, постарата технологија може значително да помогне во зачувувањето на домашниот буџет и заштитата на животната средина.
Одржувањето пријатна температура во домот може да се постигне со паметно користење на вентилаторите. Додека клима-уредите го ладат и исушуваат воздухот трошејќи многу енергија, вентилаторите бараат значително помалку електрична енергија бидејќи само го движат воздухот околу телото.
Клима-уредот сам по себе не предизвикува настинка, но неправилното користење го зголемува ризикот од здравствени тегоби. Ладниот и сув воздух ја исушува слузницата на дишните патишта, која е прва линија на одбрана од вируси и бактерии, па често се јавуваат суво грло, кивање и кашлање.
Стручњаците советуваат да се избегнува директен удар на ладниот воздух во лицето, вратот и градниот кош. Наглите промени на температурата предизвикуваат грчење на мускулите и сериозни болки во кичмата и грбот. За да се избегнат здравствените проблеми, клима-уредот треба редовно да се сервисира и чисти, а препорачаната температура во просторијата треба да биде меѓу 26 и 27 степени Целзиусови.
За максимална заштеда, клима-уредот треба да се постави на повисока температура, а паралелно да се вклучи вентилатор. Оваа комбинација драстично ја намалува потрошувачката на струја, а чувството на свежина останува исто како кога климата е подесена на многу ниска температура.
Истражувањата покажуваат дека луѓето не забележуваат разлика во удобноста меѓу просторија на 26 степени со вентилатор и просторија на 22 степени што се лади само со клима-уред. Ваквиот начин на ладење го намалува оптоварувањето на електричната мрежа, го спречува ризикот од дефекти и ја намалува емисијата на јаглерод диоксид.
Плафонските вентилатори важат за најефикасни бидејќи го потиснуваат воздухот низ целата просторија и помагаат во циркулацијата на топлиот воздух што се задржува при врвот, додека модерните модели лесно се вклопуваат во секој ентериер. Преносливите вентилатори пак имаат предност бидејќи одредени модели работат на батерии, што ги прави корисни дури и при снемување на струја.
Подобар ефект се постигнува кога струењето на воздухот е насочено кон деловите од телото кои не се покриени со облека, пред сè кон торзото. Најдобар ефект најчесто се постигнува на средна брзина, со вентилатор оддалечен околу еден метар од лицето, бидејќи највисоката брзина може да ги исуши очите.
Кога надвор не е премногу топло, климата може да се исклучи, а вентилаторот да се постави до отворен прозорец на најладната страна од домот, каде што има сенка или зеленило. Зголемувањето на вегетацијата пред прозорците, поставувањето мали фонтани или користењето вентилатори со водена магла значително ја намалуваат температурата на воздухот што влегува во просторијата.
При исклучително високи температури, вентилаторот може само да врти врел воздух, без да донесе оладување. Стручњаците посочуваат дека границата за безбедна употреба на вентилатор без клима е меѓу 35 и 38 степени за здрави лица, додека за постарите лица оваа граница е пониска. Во услови на екстремни жештини помагаат засенчувањето на прозорците, внесувањето течности, носењето влажна облека во комбинација со вентилатор, или престојот во климатизирани јавни објекти.