Венецуела си бара од Британија 31 тон злато за обнова по разорниот земјотрес

Власта и опозицијата во Венецуела постигнаа редок консензус за деблокада на четири милијарди долари заглавени во Лондон по дипломатскиот спор од 2018 година.
Фото: BullionVault

Владата на Венецуела и дел од опозицијата постигнаа договор за заедничко барање до Велика Британија за враќање на 31 тон злато, со вредност од околу четири милијарди долари, кое од 2018 година се чува во трезорите на Банката на Англија. Средствата се наменети за итна обнова на земјата по разорните јунски земјотреси.

Двонеделните преговори одржани под медијација на Соединетите Американски Држави резултираа со заедничка изјава на владиното мнозинство предводено од Делси Родригез и претставниците на опозицијата. Според официјалните податоци, средствата се неопходни за обновување на станбените објекти, болниците и училиштата во регионите погодени од земјотресите од 24 јуни, во кои животот го загубија над 6.000 луѓе.

Лондон го замрзна пристапот до државното злато пред шест години, кога Британската влада престана да ја признава тогашната власт во Каракас.

Ослободувањето на имотот ќе биде условено со воспоставување ревизорски механизми. Опозицискиот пратеник Рамон Лопез потврди дека средствата ќе се уплаќаат на сметки при американското Министерство за финансии, а секоја исплата ќе подлежи на контрола од меѓународни независни компании. Според него, договорот не содржи политичка трговија ниту услови за реформи во правосудството.

Велика Британија преку своето Министерство за надворешни работи соопшти дека не е страна во судскиот процес што се води за контролата врз златото и повтори дека поддржува демократска транзиција, додека Банката на Англија одби да го коментира случајот.

Каракас бара пристап до сопствените ресурси во момент кога економијата се соочува со дополнителен притисок. Централната банка извести дека по катастрофалниот земјотрес, месечната инфлација во јули скокна на 19,9 проценти, додека годишната инфлација се проценува на околу 575 проценти. Вкупниот државен долг на Венецуела изнесува околу 240 милијарди долари.

Паралелно со овие преговори, Вашингтон делумно ги суспендираше санкциите за да овозможи странски инвестиции во енергетскиот сектор на земјата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс