По седум месеци без пожари, депонијата Вардариште повторно гори, предупредуваат активистите од „Стоп за Вардариште“.
Активистичката група „Стоп за Вардариште“ алармира дека депонијата повторно гори, по пауза од седум месеци, и дека граѓаните повторно се изложени на чад, загадување и непријатна миризба.
Според нив, ситуацијата се повторува и покрај претходните протести и јавниот притисок од минатата година, кога пожарите привремено беа запрени.
„Денес повторно сме сведоци на истото сценарио – чад, загадување, тешка миризба и директна закана по здравјето на граѓаните“, наведуваат од иницијативата.
Активистите испратија предупредување до институциите дека доколку не се преземат конкретни мерки и не се исполнат претходно договорените активности за целосно решавање на проблемот, ќе следуваат нови протести и можно реактивирање на блокадите.
Тие ги повикаа надлежните институции итно да реагираат со највисок степен на сериозност, како и Министерството за внатрешни работи да обезбеди постојано полициско присуство на локацијата.
„Нема да дозволиме Вардариште повторно да го труе Скопје“, порачаа од „Стоп за Вардариште“.