Усеин Болт потпиша за англиски клуб: Ќе игра фудбал во деветтиот ранг

Јамајканецот официјално е регистриран како фудбалер во аматерска лига на 40-годишна возраст, каде ќе дели соблекувална со поранешни премиерлигашки фудбалери.
Фото: Fernando Frazo/Agncia Brasil, CC BY 3.0 BR, via Wikimedia Commons

Светскиот рекордер во спринт, Усеин Болт, официјално потпиша за англискиот клуб Вајтеншо Ветс (Wythenshawe Vets), потврди Фудбалскиот сојуз на Англија (ФА). Јамајканецот влегува во деветтиот ранг на англискиот фудбал, станувајќи дел од состав формиран за ветерани постари од 35 години. Со ова се остварува неговата најава од почетокот на годината за ново враќање на фудбалскиот терен.

Фудбалскиот сојуз на Англија на својата официјална страница го евидентираше Болт како регистриран фудбалер на клубот од јужен Манчестер. Вајтеншо Ветс веќе привлече внимание во англискиот фудбал со ангажирање на неколку поранешни професионалци од елитниот ранг.

Во соблекувалната на тимот се наоѓаат некогашниот англиски репрезентативец Емил Хески, поранешниот капитен на Манчестер Јунајтед, Антонио Валенсија, како и поранешниот напаѓач на Њукасл, Папис Сисе. Покрај нив, за тимот настапуваат и Умар Нијасе, Стивен Ајрленд, Недум Онуоха, како и освојувачите на Премиер лигата, Џолеон Лескот и Дени Дринквотер.

Болт, кој ги држи светските рекорди на 100 метри (9,58 секунди) и 200 метри (19,19 секунди), е долгогодишен навивач на Манчестер Јунајтед и по повлекувањето од атлетиката направи неколку обиди за градење фудбалска кариера.

Во текот на 2018 година тој мина два месеци на проба во австралискиот клуб Сентрал Коуст Маринерс. За време на пријателски натпревар постигна два гола, но клубот не му понуди професионален договор, по што соработката заврши. Во истиот период ја одби понудата од малтешка Валета поради финансиските услови, а претходно одработи тренинзи со норвешки Стромсгодсет и германска Борусија Дортмунд.

е-Трн да боцка во твојот инбокс