Search

Универзална сала: Многу романтизам и многу Фејсбук политика

Универзална сала беше поводот да и поставиме неколку прашања на Искра Јанковска Михајловска, архитектка од Скопје, која подолг период е гласна коментаторка на состојбите во главниот град

Трн:  Дали Универзална сала има само носталгична вредност или навистина му треба на Скопје сала со тој капацитет и архитектонски карактеристики?

Искра: Земајќи ја предвид хроничната нефункционалност во последниве 10 години, Универзална Сала во моментов има само емотивна, носталгична вредност. За капацитетот на сала која е потребна на Скопје не би сакала да давам оценки затоа што сум поборник на податоци добиени со анализа и истражување. Имаме луѓе кои се занимаваат со организирање настани и тиe може најдобро знаат кој е идеален капацитет што е потребен на Скопје, но исто така, потребен е податок и од урбанистите кој ги гледаат бројките на градот во минимум декада или две, па и подалеку.

Сега, ако ме прашувате лично, мојата меморија и мојата сентименталност за Универзална од аспект на капацитет е дека во неа брзо се влегуваше брзо се излегуваше. Дополнително, аудиториумот беше организиран соодветно и комфорно, односно редовите за седење беа куси и немаше потреба да стануваш луѓе доколку имаш потреба да излезеш. Се чувствуваше безбедност во салата. Се друго се само лични емоции.

Трн: Во совршени услови, што сметаш дека би требало да има на местото на Универзална?

Искра: Универзална сала која работи. За нејзина дислокација, но само од аспект на деловно работење мора да се дискутира и анализира. Но, тоа повторно троши време за Скопје да добие соодветна сала. Според мене, местото е во ред. Пристапна е, па еве да кажам дека таа локација е врежана во меморијата на градот и оттука, со сите мани и предности на локацијата сепак би оставила новата сала која се гради да остане на старата локација на Универзална сала.

Трн: Дали на Скопје во 21. век му треба истата, или нова и современа Универзална сала?

Искра: Ја сум поборник за нова сала. Да спомени, колективна меморија на Скопје… Се тоа почитувам, но предолго трае агонијата и приказните за реновирањето. Ќерка ми која без малку има 21 година нема спомени за Универзална, или што би рекол син ми тоа вашата генерација ни ја уништи државата и сè што било вредно во неа.

Многу романтизам и многу Фејсбук политика нè доведоа до ситуација да викаме дека се реновира, а всушност да се гради нова сала и тоа го оправдувам повеќе од реновирање. Таа сала освен емотивна некоја архитектонска вредност и нема, иако јас во неа сум чувствувала многу пријатно, безбедно. Не е ова Виенска или Миланска опера изградени од камен, барака беше. Во светот се рушат објекти и се градат нови. Начинот на живот се менува, па така и потребите.

Скопје нема јавен сообраќај па така под таа сала е потребен и паркинг. Се сеќавате ли колку сме смрзнувале и колку сме се потеле во таа сала, да на убави концерти и со убави спомени, но нели сите сакаме сега подобри услови. Старата конструкција и габарит не го нудеа тоа. Можеби заглавивме и под притисокот и инсистирањето да се реновира. Оваа ситуација ни нуди опција за нова перспектива, но во време на избори не преовладува разумот ниту дискусијата, ниту па некој ја кантари стручната фела, мислам на архитектите, но и на оние кои Универзална сала им е средство за работа. Има начини како во нова сала на тоа место да се сочува колективната меморија.

Трн: Дали може да го пренебрегнеме фактот дека на потрошени над 600 милиони евра за Скопје 2014 не се одвоиле средства за Универзална? Дали целта била да се редизајнира и „сеќавањето“ на универзална?

Искра: Тој ужасен проект чини многу повеќе. Лично сметам дека можеби е подобро што тогаш не одвоиле средства затоа што во спротивно, денес ќе имавме уште една „стиропорна торта“. Која им била намерата, не можам да знам бидејќи ниту ја разбирам ниту пак ми е јасна идејата за СК 2014. Такви апсолутистички проекти за оставање трага се одлика на други времиња, за мене и генерациите околу мене далечни и како филозофии и како идеологии. 

Тој проект нанесе непроценлива штета на градот и еве 10 години потоа сведоци сме на неговото распаѓање кое во центарот на градот создава слика за Скопје како да штотуку излегло од војна во која победиле окупаторите и го мразат градот. Моменталната слика која се врежува како колективна меморија за центарот на Скопје во главите на генерации е ѓубре и распаднати објекти.

Тој проект покажа како се злоупотребуваат урбанистичките процедури ГУПот и ДУПовите. Тој проект покажа една невoспитаност и дрскост на група архитекти кои пресоблекоа авторски објекти влезени во енциклопедии за архитектура. Скопје 2014 е навреда за архитектурата, градежниот сектор во земјава, за уметноста и за историјата на овој народ.

Уште еднаш ќе кажам: среќа што ја заобиколи Универзална, кој знае што монструм ќе имавме денес на таа локација.

Најново

Последни колумни