Унгарските власти почнаа итна изградба на ниска брана на реката Дунав за да овозможат стабилно ладење на нуклеарната централа „Пакс“. Како што изјави унгарскиот премиер Петер Маѓар, сушата и екстремните жештини го спуштија водостојот на реката на ниво што директно ја загрозува енергетската стабилност на земјата. Централата, која во нормални услови покрива третина од националната потрошувачка на електрична енергија, во моментов работи со драстично намален капацитет.
Сушата што ги погоди големите европски реки како Дунав и Рајна предизвика сериозни проблеми во снабдувањето со вода за ладење на нуклеарните капацитети. Во Пакс, кој се наоѓа на околу 100 километри јужно од Будимпешта, моментално работат само две од вкупно осумте турбини.
Пред десетина дена централата беше на чекор од целосно запирање на работата, кога одржувањето на последната активна турбина зависеше од бран со осцилации од едвај неколку милиметри во нивото на водата. Слична е ситуацијата и во соседна Романија, каде што поради нискиот водостој на Дунав властите го исклучија и вториот реактор во нуклеарната централа „Чернавода“, откако првиот беше ставен во мирување уште на крајот на јули.
За да се обезбеди брза регулација на речниот ток, унгарските воени единици работат непрекинато на терен. Проектот предвидува поставување и намерно потопување на две опремени баржи со должина од по 80метри, кои ќе бидат поставени нормално на текот на Дунав за да содадат итна препрека.
Потоа, во конструкцијата ќе бидат вградени околу 185.000 кубни метри камен за да се формира трајна ниска брана. Според проценките на премиерот Маѓар, градежните работи треба да завршат во рок од четири недели, со што нивото на Дунав пред системот за ладење ќе се подигне за 1,2 метри. Вкупната инвестиција за оваа итна интервенција изнесува 19 милиони долари.