Украина ги сопре нападите со дронови врз нафтените танкери во руското црноморско пристаниште Новоросиск по директно барање од американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс. Одлуката следува по предупредувањата од Вашингтон дека ударите врз бродовите во Црното Море кои не се во руска сопственост предизвикуваат нестабилност на глобалниот пазар на нафта и им нанесуваат директна штета на големите американски енергетски компании.
Интервенцијата од кабинетот на Венс била испратена минатиот месец. Американските власти побараа од Киев да запре со гаѓање на меѓународните бродови кои превезуваат сирова нафта од Казахстан до терминалот на Каспискиот нафтоводен конзорциум (ЦПЦ) во Новоросиск.
Киев се согласи да ја поштеди инфраструктурата на ЦПЦ и да не напаѓа странски танкери. Сепак, украинските власти поставија децидни услови. Забраната за напади нема да важи за бродовите што се наоѓаат под украински санкции или превезуваат руска нафта и таен руски товар.
Воените операции со дронови во Црното Море во текот на јули го намалија утоварот на нафта преку ЦПЦ за петтина. Ова веднаш го погоди извозот на Казахстан, земја која ја користи оваа рута за пласман на својата сирова нафта на светските пазари. Казахстанското производство на нафта во јули забележа пад од 14 проценти во споредба со претходниот месец.
Последиците брзо се прелија и врз работењето на големите западни енергетски корпорации, меѓу кои се Шеврон и Ексон мобил. Украина ги оправдуваше ударите врз руската енергетска инфраструктура со потребата да му се ускратат финансиските ресурси на Кремљ за водење на војната. Сепак, притисокот од Вашингтон покажа дека границата беше премината оној момент кога воените дејствија почнаа директно да го загрозуваат глобалното снабдување со енергенси.