Македонија има простор за побрз економски раст и за 250.000 дополнителни, подобро платени работни места до 2050 година, но за тоа е потребна промена во начинот на кој економијата инвестира, произведува и ги користи знаењата на работниците. Тоа е потенцијалот што го посочува Светска банка во извештајот „Северна Македонија: Избегнување на стапицата на среден доход“.
Реформското сценарио предвидува просечен годишен раст од 3,8 проценти, наспроти 2,4 проценти без потребните промени. Проекцијата е условена со спроведување пакет мерки за посилна конкуренција, технолошко унапредување и поголемо учество на населението на пазарот на труд.
Еден од најголемите проблеми е што земјата истовремено губи работоспособно население и недоволно го користи потенцијалот на луѓето што остануваат. Иселувањето и стареењето ја намалуваат работната сила, додека многу жени и млади се надвор од пазарот на труд.
Според податоците наведени во извештајот, учеството на жените на пазарот на труд е за 19 процентни поени пониско од она на мажите. Воедно, 24 проценти од младите не работат, не се школуваат и не посетуваат обука. Кај веќе вработените постои друг проблем: 22 проценти имаат повисоки квалификации од потребните за работното место што го извршуваат.
Овие показатели упатуваат на неискористени знаења и вештини во економија на која ѝ се потребни повеќе продуктивни работници. Светска банка предупредува и дека платите се зголемуваат побрзо од продуктивноста, што ја ослабува конкурентноста. За одржлив раст на примањата, компаниите треба да создаваат поголема вредност преку подобра технологија, организација и вештини.
Ограничувања има и кај инвестициите. Досегашниот модел во голема мера се потпира на приватната потрошувачка и на странски инвестиции со ниска додадена вредност и голема зависност од увоз. Дополнително, извозот е концентриран на мал број производи и пазари.
Банката оценува дека дел од вложувањата недоволно ги прошируваат производствените и технолошките капацитети. Со таква структура, економијата потешко создава поконкурентни компании и работни места со повисоки плати.
Последиците се гледаат и во споредбата со Европската Унија. Во 2024 година, БДП по жител во Македонија достигнал околу 42 проценти од просекот на ЕУ27. Во текот на една деценија приближувањето изнесувало само четири процентни поени, додека Албанија, Србија и Црна Гора го намалиле јазот за седум до десет процентни поени. Ова е споредба на БДП по жител, а не на просечните плати.
Земјата успеала да премине од понизок во повисок среден доход за помалку од две децении по осамостојувањето, но потоа останала во истата категорија 17 години. Следниот исчекор, според Светска банка, бара посилни институции и конкуренција, повеќе иновации и енергетска ефикасност, како и образование и обуки што подобро одговараат на потребите на економијата.
Процесот на пристапување кон ЕУ е посочен како можност за спроведување на овие промени. Дали проектираните работни места и повисокиот раст ќе се остварат ќе зависи од политичката посветеност и од способноста на институциите да ги реализираат реформите.