Трамп призна дека САД имаат дефицит на муниција и најави брз крај на војната со Иран

Американскиот претседател потврди дека залихите на одредени високопрецизни ракети се ограничени по пет месеци интензивни борби на Блискиот Исток.
Фото: EPA/MAXIM SHEMETOV

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека очекува брзо завршување на војната со Иран, но истовремено за првпат јавно призна дека американската војска се соочува со дефицит на одредени видови високопрецизно оружје. За време на обраќањето во Овалната соба, Трамп истакна дека Техеран нема капацитет уште долго да ги издржи воените притисоци, додека Пентагон итно презема чекори за забрзување на домашното производство и зајакнување на синџирите на снабдување.

Говорејќи пред новинарите во Белата куќа, американскиот претседател изрази оптимизам за скорешен крај на конфликтот. Тој оцени дека иранските сили не можат уште долго да издржат под сегашното темпо на воени операции. Сепак, одговарајќи на прашања за капацитетите на американскиот арсенал, Трамп откри дека армијата има речиси неограничени залихи од одредени типови моќно оружје, но призна дека кај други софистицирани системи ситуацијата е посложена и залихите се ограничени.

Признанието на претседателот доаѓа по пет месеци интензивни воени дејствија во кои американските сили потрошија значителен дел од резервите на високопрецизни проектли од голем дострел. Иако администрацијата ги демантира тврдењата дека војската целосно останала без клучни системи, официјален Вашингтон потврди дека паралелната испорака на оружје за сојузниците и интензивното гранатирање во Иран создаваат сериозен притисок врз резервите на противвоздушна одбрана и клучни ракетни системи.

За да го надмине овој дефицит, американската одбранбена индустрија започна изградба на нови производни капацитети, пред сè за ракетите за противвоздушниот систем Патриот и за клучните крстосувачки проектли Томахавк. Овие чекори следат по извршната уредба на Белата куќа од минатиот месец, со која се наложува зајакнување на домашните снабдувачки синџири, намалување на зависноста од странски добавувачи и овозможување брза индустриска мобилизација за масовно производство на муниција.

е-Трн да боцка во твојот инбокс