Доналд Трамп зел доверливи документи, вклучувајќи информации за нуклеарното оружје на САД и тајни планови за напад на странска земја и ги чувал во тоалетот во неговата вила во Мар-а-Лаго, се вели во федералното обвинение на 49 страници.
Поранешниот американски претседател се соочува со кривично обвинение од 37 точки поврзани со неправилно постапување и чување на доверливи документи.
По напуштањето на Белата куќа во јануари 2021 година, Трамп со себе зел кутии со доверливи документи, вклучително и информации за нуклеарните капацитети на САД, како и оние на странска земја. Еден доверлив документ од јуни 2020 година содржел информации „во врска со нуклеарните способности на странска земја“. Инспекторите пронашле уште еден документ без датум „во врска со нуклеарното оружје на Соединетите држави“.

Според обвинението, поранешниот претседател чувал кутии со доверливи документи на различни локации во Мар-а-Лаго, вклучително и канцелариски простор, неговата спална соба, складиште, бања, сала за бал и под туш.
Помошникот на Трамп, Волтин Наута, беше обвинет заедно со неговиот поранешен шеф за заговор да ги скрие доверливите документи од адвокатите кои ги бараа. Наута се соочува со шест федерални обвиненија, вклучително и прикривање докази и заговор за попречување на правдата.
Според обвинението, Трамп му наредил на Наута, кој моментално е личен помошник на поранешниот претседател, да ги премести кутиите со документи за да ги скрие од неговите адвокати, ФБИ и големата порота.

Кога беше испрашуван под заклетва, Наута рече дека не знаел дека Трамп држел кутии со доверливи документи. Тоа беше лага, открија обвинителите за време на нивната истрага, бидејќи Трамп му наложил на Наута да ги премести од Белата куќа во неговото одморалиште Мар-а-Лаго.
Во јули 2021 година, Трамп сподели неовластени информации за неговата желба како претседател да нападне одредена земја и доверлив разговор со висок воен функционер за време на интервју со неименуван писател и нивниот издавач.
Обвинението сугерира дека кога адвокатите на Трамп се сретнале со него за да разговараат за тоа како да одговорат на судскиот повик од мај 2022 година со кој се бараат документи означени како класифицирани во Мар-а-Лаго, Трамп наводно предложил да му кажат на Министерството за правда дека немаат материјали што треба да бидат предадени.

Во обвинението се наведува дека Трамп рекол: „Не сакам никој да гледа, не сакам никој да ми гледа низ кутиите, навистина не сакам, не сакам да ми гледате низ моите кутии“.
Тој, наводно, додал: „Што ќе се случи ако воопшто не одговориме или не соработуваме со нив? и „Зарем не би било подобро само да им кажеме дека немаме ништо овде?“
Извор: The Guardian