Трамп: Ако Иран имаше нуклеарка ќе моравме да преговараме, вака напаѓаме

Американскиот претседател призна дека оружјето за масовно уништување носи почит, додека Техеран без него останува лесна воена цел.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави синоќа во Далас дека САД не би го нападнале Иран доколку земјата веќе поседува нуклеарно оружје. Говорејќи на републиканската конвенција, Трамп ја бранеше актуелната воена кампања тврдејќи дека токму спречувањето на Техеран да развие атомска бомба е главната причина за американските воздушни удари.

Обраќајќи им се на партиските делегати, Трамп отворено ја опиша разликата меѓу држава што поседува нуклеарен арсенал и онаа што сè уште го нема.

„Да имаа нуклеарно оружје, ќе му се јавев на врховниот водач и ќе речев: ‘Господине врховен водач, како сте? Можеме ли нешто да сториме за вас?’, наместо да ги бомбардираме до пеколот“, изјави Трамп.

Тој веднаш додаде дека САД токму поради тоа нема да дозволат Иран да стигне до такво вооружување, нарекувајќи ја таа одлука едноставна и неизбежна.

Трамп ја искористи трибината да ја оправда американската воена акција пред домашната јавност. Воените операции на Блискиот Исток веќе предизвикаа остар скок на светските цени на енергенсите. Прашањето за војната стана едно од главните судири во трката за претстојните избори за американскиот Конгрес.

На новинарско прашање ден претходно дали треба да му се дозволи на Иран да поседува атомска бомба, Трамп кусо одговори со „не“, тврдејќи дека јавноста лесно ја разбира целта на воените удари.

Последната порака на Трамп доаѓа паралелно со извештајот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ). Одборот на агенцијата го пријави Иран до Советот за безбедност на ОН поради одбивањето целосно да соработува во истрагата за траги од ураниум на непријавени локации.

Власта во Техеран продолжува да тврди дека нејзината нуклеарна програма служи исклучиво за цивилни и мирновременски цели.

е-Трн да боцка во твојот инбокс