Харвард се спротивставува на нападите на американскиот претседател Доналд Трамп, кој се заканува дека ќе ја укине поддршката на универзитетот поради наводен антисемитизам. Во центарот на овој судир се најдоа и странските студенти, кои сега стравуваат за своите визи и стипендии.
По серијата пропалестински протести на универзитетите Харвард и Колумбија, на кои беа забележани и инциденти против студенти со еврејска вероисповед, Трамп ги обвини универзитетите за левичарски екстремизам, „марксизам“ и попустливост кон антисемитизам.
Тој се закани дека ќе ја укине повластената даночна положба на универзитетите, која им овозможува да не плаќаат данок на добивка. За Харвард, најбогатиот универзитет во САД, тоа би значело губење на околу 2 милијарди долари годишно.
Странски студенти, особено оние кои учествувале во протестите или ги коментирале јавно, сега се соочуваат со ризик од губење виза, бришење од студентските регистри, па дури и депортација. Некои универзитетски управи им испратиле пораки на студентите со предупредувања за последиците од јавна критика на администрацијата.
„Во земјата од која доаѓам е опасно да се биде новинар, но сега ми се чини дека е уште поопасно да се биде новинар во САД“, изјави анонимен странски студент за DW.
Според NAFSA, организација за меѓународна студентска размена, од март до април 2025 година се пријавени повеќе од 1.300 случаи на одбиено продолжување на визи или бришење од SEVIS – официјалниот регистар на странски студенти.
Примери на депортации
Некои студенти веќе биле протерани, како Махмуд Халил, кој организирал протест на Колумбија, или Румејса Озтурк, која ја критикувала администрацијата на Тафтс универзитетот поради нејзиниот однос кон ситуацијата во Појасот Газа.
Поранешниот републикански конгресмен Џамал Боуман изјави дека нападите на Трамп врз универзитетите се дел од поширока стратегија:
„Што има повеќе необразовани луѓе, полесно е да се манипулира со нив.“
Боуман ги повика студентите низ целата земја на масовни протести, предупредувајќи дека се работи за одбрана на демократијата и човековите права.