Американскиот гигант Таргет доби милијарда долари поврат од царините на Трамп

Трговскиот синџир ги дуплираше профитите по повратот на средствата, додека администрацијата во Вашингтон веќе врати 100 милијарди долари на компаниите.
Фото: Farragutful, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Американскиот трговски гигант Target оствари значителен скок на финансиските резултати откако од сојузната влада доби поврат на средства од 994 милиони долари. Оваа исплата следува по одлуката на Врховниот суд на САД, со која низа царини воведени од претседателот Доналд Трамп беа прогласени за незаконски. Повратот на парите директно го удвои оперативниот профит на компанијата во второто тримесечје.

Приливот од 994 милиони долари пред оданочување го зголеми оперативниот профит на Target од минатогодишните 1,3 милијарди на 2,6 милијарди долари во истиот период. Компанијата е меѓу илјадниците бизниси во САД кои побараа рефундирање откако највисоката судска инстанца утврди дека првичниот механизам за наплата на царините не бил во согласност со законот.

Извршниот директор Мајкл Фиделке посочи дека компанијата спроведува план за заздравување на работењето, во чиј склоп изминатата година ги намалиле цените на повеќе од 10.000 производи за да го ублажат притисокот врз купувачите.

Судските поднесоци од американските царински служби откриваат дека Белата куќа досега им има вратено околу 100 милијарди долари на компаниите. Оваа сума претставува речиси 60 отсто од вкупно собраните царински приходи во склоп на спорната политика, а процесот на обработка на преостанатите барања за поврат сè уште трае.

И покрај судската пресуда за конкретните давачки, Трамп продолжи да воведува нови царински оптоварувања преку алтернативни правни механизми. Економистите предупредуваат дека таквите мерки долгорочно ги зголемуваат трошоците за крајните потрошувачи, бидејќи компаниите ги прелеваат даночните давачки врз малопродажните цени.

Target во меѓувреме ги менува своите синџири на набавка за да ја намали изложеноста на нови царински шокови. Иако во 2017 година дури 60 отсто од производите за нивните сопствени робни марки доаѓаа од Кина, тој удел денес е намален на 30 проценти. Сепак, поголемиот дел од нивниот асортиман, како мебел и козметика, и понатаму зависи од увозот од Азија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс