Жените играат клучна улога во развојот на текстилната индустрија на Македонија, која е една од најважните преработувачки индустрии во земјата. Според податоците, околу 35.000 работници се вработени во текстилниот сектор, што претставува околу 27% од сите вработени во производствениот сектор или околу 6,7% од вкупниот број вработени во земјата. Индустријата е извозно ориентирана и учествува со околу 13% во вкупниот бруто домашен производ (БДП) и со 27% од македонскиот извоз.
Специфично за жените, се истакнува дека 86,5% од вработените во македонската текстилна индустрија се жени. Оваа доминација се објаснува со нивната прецизност и упорност, кои се ценети во текстилната индустрија. Сепак, и покрај нивната бројност и значење, жените во текстилната индустрија се соочуваат со бројни предизвици. Приказната за „Блек Бело“ е приказна за тоа како и покрај предизвиците може да се создаде успешна и светски призната компанија во мало место како Виница.
Во последните години, се забележува интерес од странски модни брендови за македонската текстилна индустрија, пред сè поради конкурентните цени и расположливата работна сила. Меѓутоа, овие компании бараат еколошки и социјално одржливи производствени практики, што претставува предизвик за локалната индустрија да се прилагоди на повисоките стандарди.

„Блек Бело“ ја гради својата бизнис приказна во духот на зелената и дигиталната трансформација, како неминовност за сите мали и средни претпријатија кои имаат аспирации кон европските и странските пазари. Како корисници на зелен грант во рамките на мерката „Поддршка за создавање нови работни места преку зелени инвестиции“ во рамките на Оперативниот план на активни мерки и програми за вработување, „Блек Бело“ набави нови машини кои ќе катализираат процесот на зелена трансформација во фирмата.
Мерката за поддршка на бизнис секторот е во согласност со Европскиот Зелен договор и се фокусира на некои од најитните потреби на приватниот сектор предизвикани од енергетската криза и поттикнување нови работни места. До сега во мерката 50% од корисниците се жени – сопственички на свој бизнис. Поддршката продолжува и оваа година во партнертство на Агенцијата за вработување со УНДП.

-„Блек Бело“ е првото 3Д дизајн студио во Македонија со директна имплементација во текстилното производство. Идејата ни беше да им помогнеме на младите дизајнери од Македонија и модните брендови ширум Европа да си ги остварат своите соништа. И ние тоа го правиме и тоа е главната визија на нашето студио. Имаме повеќе клиенти, повеќе модни куќи од Холандија, од Италија, Германија, Франција и исто така соработуваме со дел од најдобрите фабрики во Македонија кои што имаат искуство над 20 години во индустријата. 3Д модниот дизајн кој што ние го работиме е визуализација на 2Д шаблоните кои ги правиме за развој на еден прототип. Со помош на 3Д дизајнот можеме да го видиме точниот материјал кој сакаме да го направиме во еден прото модел. Можеме да ги видиме сите грешки ако постојат како такви, уште пред да го сошиеме физички моделот и на тој начин имаме максимална искористеност на материјалот и се грижиме за животната средина која што е навистина многу важна за сите нас – вели Александра Филипова, моден дизајнер и креативен директор и основач на „Блек Бело“ .

Еколошката свесност и искористливоста на материјалите се од клучно значење за текстилната индустрија, која е едно од најголемите загадувачи на животната средина во светот. Проблемите како што се загадувањето на водите, емисијата на CO2, и неупотребените текстилни отпадоци поставуваат големи предизвици пред индустријата. За да се намали негативниот ефект на текстилната продукција, расте интересот за примена на одржливи и еколошки свесни практики. Текстилната индустрија произведува големи количини отпадни материјали, вклучувајќи остатоци од ткаенини, ненужни делови од облека и износени производи. За да се намали оваа отпадност и да се обезбеди поголема искористливост на ресурсите, индустријата презема различни иницијативи меѓу кои и целосно искористување на материјали и што помалку отпад.
-За нас е многу важна таа максимална искористеност на материјалот. Особено тоа е важно и за нашите клиенти затоа што традиционалниот начин на развој на еден прото модел не може во никој случај да се спореди со дигитализацијата и начинот на кој што ние работиме со 3Д модниот дизајн, затоа што 90% од материјалот се трудиме да биде исористен во развојот на секој еден прото модел, а потоа и на самото производство. Се трудиме материјалите да бидат природни и користиме во развојот на нашите колекции свила, потоа кашмир, волна и се трудиме колку што е можно максимално да се користат природните материјали – вели Александра.

Македонија е земја со долга традиција во текстилната индустрија и продолжува и денес да биде важен играч во глобалниот текстилен сектор, со голем број на компании кои ја извезуваат својата продукција во Европа и други региони. Исто така, текстилната индустрија е важен извор на вработување и развој на локалните заедници, обезбедувајќи работни места за илјадници луѓе.
-Македонија има способност да произведува за странски брендови, тоа е веќе докажано. Ние сме земја на текстилот. За жал иако оди во надолна линија последните неколку години. Сепак јас лично верувам и сум убедена дека со имплементација на модерните технологии може да се промени тој тренд и секако зборуваме за фабрики, за конфекции кои работат над 20 години, кои што имаат навистина многу искуство и каде што работат исклучително креативни и посветени луѓе – вели Александра.
Жените претприемачки се силна и инспиративна сила во современата економија. Тие се лидери, иноватори и пионери кои ја менуваат динамиката на бизнис-светот. Кога зборуваме за претприемачки дух, жените се сè повеќе присутни во различни индустрии, со нови идеи и пристапи што го редефинираат традиционалниот начин на водење бизнис. Тие не само што придонесуваат за економски раст, туку и ја рушат традиционалната перцепција за улогата на жената во бизнисот. Нивниот успех е доказ дека со храброст, упорност и страст, жените можат да постигнат големи работи и да го променат светот. Александра е пример не само на жена која успеалата во својот бизнис, туку решила и да продолжи да го работи во Виница, градот во кој е родена и кој живее.

– Не лесно, навистина е тешко, но предизвикот секогаш постои и за секој старт на бизнис си е потребна храброст. Јас ја сакам Виница, го сакам градот, верувам во тоа дека може да се успее, било каде ако си посветен максимално фокусиран и ако го разбираш тоа што го работиш. Многу ми е важен тимот со кој работам и кој го создавам и тој е клуч за понатамошниот успех и јас така ги гледам сите луѓе кои се со мене. Јас сум лидер на тимот и секако дека се бориме заедно со сите предизвици. Инаку ние имаме исклучително талентирани млади дизајнери кои што секако дека ако има услови во Македонија јас верувам дека тие попрво би останале тука отколку да заминуваат некаде надвор од границите. Им порачувам на сите млади дизајнери и на сите луѓе кои што сакаат да се занимаваат со мода и со дизајн, да не се плашат, да бидат храбри, да не се плашат прво да прават грешки, затоа што колку повеќе грешки толку повеќе предизвици и успеси и тоа е единствениот начин. И да одат по скалите, а не по лифтот – вели Александра.