Хрватски свештеник до младите парови: Живејте самостојно, бегајте од родителите

Снимка од проповед на свештеникот Крунослав Карас, објавена на страницата на Студентскиот католички центар од Славонски Брод, привлече огромно внимание на интернет. Во фокусот се најде делот во кој тој им советува на младите брачни парови да не живеат со своите родители, а дебатата дополнително се вжешти по објава на социјалната мрежа Редит.

Во видеото свештеникот Карас порачува: „Бегајте од мама и од тато. Бегај од свекорот и од свекрвата. Бегај, а еве и на мажите да им дадам еден совет – бегај од дедото и од бабата по сопругата. Немојте да прифаќате да живеете во иста куќа и во исто домаќинство. Бегајте, па ни брат ни сестра на твојот сопруг или на твојата сопруга нека не ви бидат блиску. Не дај Боже во иста куќа или во ист двор“.

„Ова не ви го зборувам напамет, го зборувам она што го слушам 20 години. Родителите, колку и да ве сакаат, во себе имаат еден нездрав нагон на посесивност да им се мешаат во браковите на своите деца, да го пикаат носот таму каде што не им е местото. Вашиот брак е само ваш брак. Тоа што се случува меѓу вас двајца е ваше. Таму нема што да бараат ни свекрва ни тешта. Тоа е ваш живот. Вие го основавте тоа семејство, а Светото писмо вели дека човекот ќе ги остави татка си и мајка си и ќе се прилепи кон својата жена, и двајцата ќе бидат едно тело. Тоа значи – ќе си заминеш од семејното гнездо. Мора да се откинеш од родителите“, додаде тој.

Изјавата предизвика лавина од реакции, а голем дел од корисниците се согласија со неговите зборови. Многумина сметаат дека младите парови, доколку постои таква можност, задолжително треба да живеат одвоено.

„За мене лично, животот на спрат од куќата на кои било родители е дефиниција за пекол. Како што би рекла мојата сосетка која е во брак 30 години: кога живееш со родители, не можеш ниту да се скараш ниту да се смириш на раат. Ги обожавам моите родители, но не мора сè да знаат“, напиша една корисничка.

Друга корисничка сподели лично искуство од животот на кат над родителите на нејзиниот сопруг, објаснувајќи како недостатокот на приватност ѝ го нарушува бракот.

„Неговите се прекрасни и не дека директно се мешаат, но знаат да дојдат токму кога не ми е до муабет, а морам да разговарам. Често се случувало нашата интима да биде ставена на пауза оти ми е страв да не се качат горе. Го немам својот мир и приватност онака како што ги имав кога живеев во свој стан“, наведува таа, додавајќи дека би сакала да имаат сопствен простор, а на неговите родители да им помагаат секогаш кога ќе има потреба.

Во расправијата многумина заклучија дека заедничкиот живот на повеќе генерации под ист покрив неминовно води кон конфликти. „Би се изненадиле колку бракови пропаѓаат токму поради родителите. Се изнаслушал свештеников приказни“, гласи еден од коментарите. Друг беше уште подиректен: „Тоа едноставно не е можно без некој постојано да трпи нешто што не му одговара и да молчи за ‘мир во куќа’“.

Сепак, дел од коментаторите ја посочија суровата финансиска реалност, истакнувајќи дека многу млади семејства не можат да си дозволат сопствен стан или кирија. „Не е лесно да се одделиш и нема секој пари за тоа. Но, човекот е во право. Ако веќе постои можност, секогаш е подобро да се одделите отколку да делите ист покрив. Многу семејства порано градеа куќи на три ката за сите да бидат заедно, но времињата се сменија“.

Голем број корисници го пофалија свештеникот токму поради тоа што без ракавици отворил тема што мачи илјадници семејства на овие простори, а за време на истото обраќање Карас испрати и силна порака дека жената во бракот мора да биде самостојна и независна.

е-Трн да боцка во твојот инбокс