Големите шумски пожари и тешките суши низ Западна Европа активираат заборавени експлозивни направи од Првата и Втората светска војна. Поради екстремно високите температури и огнот, неексплодирани гранати и муниција излегуваат на површината, создавајќи нов безбедносен ризик за противпожарните екипи на терен. Случаи на ненадејни подземни детонации веќе се регистрирани во Франција, Германија, Белгија и Холандија, објави Јуроњуз.
При интервенции за гаснење на огнената стихија во близина на Бордо во Франција, огнот откри складиште со муниција од Втората светска војна. Во белгиската покраина Лиеж, властите потврдија спорадични подземни детонации додека пожарникарите се обидуваа да го локализираат огнот во областа Хај Фенс. Гувернерот на провинцијата, Ерве Жамар, посочи дека спасувачките служби мора брзо да ги приспособат протоколите за интервенција поради заканата од заостанатите убојни средства.
Ова планинско подрачје на границата меѓу Белгија и Германија беше поприште на познатата Арденска битка кон крајот на 1944 година, каде германските сили оставија огромни количества воена опрема и гранати.
Паралелно со пожарите, рекордно нискиот водостој на европските реки поради сушата вади на виделина оклопни возила и потопени бродови. Од исушените речни корита излегоа германски воени бродови од Втората светска војна, неексплодирани авионски бомби и воен мотоцикл на Вермахтот.
Експертите за безбедност и климатски прашања укажуваат дека глобалното затоплување го нарушува слојот на почвата и седиментите што со децении ги држеа овие направи изолирани. Сара Њери, истражувачка на конфликти од лондонскиот факултет SOAS, нагласува дека климатските промени сега го будат и го дестабилизираат она што со децении лежело безбедно закопано под земја.