Судир на два противпожарни хеликоптери во Грција: Еден екипаж е спасен, се трага по вториот

Два противпожарни хеликоптери се судрија за време на гаснењето на големиот шумски пожар во областа Псата, западно од Атина, соопшти грчката Противпожарна служба. „За време на операцијата за гаснење пожар во областа Псата, два хеликоптери кои учествуваа во акцијата се судрија. Веднаш беа мобилизирани спасувачки екипи за потрага и спасување на членовите на екипажите“, соопштија надлежните.

Според првичните информации, екипажот од двајца пилоти на едниот хеликоптер е успешно пронајден. Тие биле свесни и можеле да комуницираат, по што со возило на Итната помош биле пренесени во Општата воздухопловна болница во Атина.

Засега нема официјални информации за состојбата и судбината на екипажот на вториот хеликоптер, а спасувачката операција продолжува. Двата хеликоптери полетале од воздухопловната база Елефсина и биле ангажирани во гаснењето на големиот пожар што веќе трет ден беснее западно од грчката престолнина.

Властите најавија дека ќе објават повеќе информации штом бидат познати околностите за несреќата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс