Традиционалниот Меѓународен стрип-салон и традиционалната стрип-колонија во организирање на Стрип-центарот на Македонија соборија историски рекорд по бројот на пријавени уметници. На свечениот настан одржан во Европската куќа во Велес беа прогласени добитниците на признанијата за оваа година, при што централната награда „Златен стрип“ отиде во рацете на меѓународен авторски тим. Манифестацијата уште еднаш ја потврди позицијата на Велес како важен центар на деветтата уметност во регионот.
Првата награда „Златен стрип“ ја освои остварувањето „Вечно“, изработено од сценаристот Марко Стојановиќ од Србија, цртачот Милорад Вицановиќ Маза и колористот Аљоша Томиќ од Босна и Херцеговина. Втората награда му припадна на Кристијан Секулиќ од Нови Сад за делата „Зимата на Арапахосите“, додека третата награда ја добија сценаристот Дуда Вукојев од Србија и цртачот Драган Павасовиќ од Хрватска за стрипот „Љубовта е тешка работа“.
Организаторите доделија и специјални награди по категории. Хулја Колук од Турција ја доби наградата за најдобро сценарио за „Светот ни припаѓа на сите нам“, а Александар Танчовски од Скопје беше награден за најдобар цртеж за стрипот „Мечтаење“. Наградата за најдобар уметнички израз отиде кај Марко Стојановиќ и Марко Николиќ за „На граница“, додека за експериментален израз беа наградени Филипа Сара Попова, Ана Кнежевиќ и Марко Трпески. Христина Крстиновска ја зеде наградата за најдобар дебитантски стрип, а Шенер Далиповски беше прогласен за најдобар ментор.
На салонот беа признаени и најмладиот учесник, седумгодишниот Лав Стојановиќ од Лесковац, како и највозрасниот учесник Тоде Блажевски од Скопје. Во соработка со Европската куќа Велес беа доделени специјални награди за млади автори, кои ги освоија Матеа Аризановска, Александар Бараковски и Марија Тошевска.
Во категоријата до 14 години за најдобар беше прогласен стрипот „Девојките на Марко“ од Ана Василева од Радовиш. Во категоријата до 18 години, првата награда ја освои Јасмина Јовчевска за стрипот „Така е пишано“. Манифестациите се реализирани со финансиска поддршка од Министерството за култура и Општина Велес.