Нови симулации: Месечината настанала за само пет часа

Компјутерските модели покажуваат дека растопените карпи и екстремната топлина го забрзале спојувањето на остатоците во вселената.

Месечината можеби се формирала за само пет часа по разорниот судир помеѓу младата Земја и протопланетата Теја, покажува новото истражување објавено во списанието „Астрофизикал џурнал летерс“ (The Astrophysical Journal Letters). Научниците од Истражувачкиот институт Југозапад во Колорадо преку нови симулации открија дека цврстината на материјалите и екстремните температури на двете небесни тела одиграле пресудна улога во брзината со која се создал нашиот природен сателит пред 4,5 милијарди години.

Досегашните научни симулации за настанокот на Месечината главно го пресметуваа односот на масата меѓу раната Земја и телото со големина на Марс, наречено Теја. Новиот истражувачки тим, предводен од планетарната научничка Адин Дентон, во равенката ја додаде цврстината на надворешните слоеви на планетите во мигот на ударот.

Бидејќи двете тела биле релативно млади, нивните површини сè уште биле екстремно врели и меки.

„Кога Земјата и Месечината ги симулирате како тела во судир со различни геолошки својства, тоа го менува начинот на кој Месечината настанува по тој удар. Претходно сметавме дека тој фактор не е неопходен, но симулациите покажаа дека е исклучително значаен“, изјави Дентон.

Првичната хипотеза за џиновски удар, поставена во 2001 година, тргнуваше од претпоставката дека планетите биле веќе оладени и кршливи. Таков судир би создал огромно поле од раздробени карпи на кое би му требало многу повеќе време да се собере под дејство на гравитацијата.

Спротивно на тоа, помеките и растопени слоеви го ублажиле самиот удар. Околу Земјата се исфрлил компактен и густ материјал. Во најекстремното сценарио, каде што двете тела ја имаат највисоката претпоставена температура, Месечината го добила својот облик за неполни пет часа. По ударот, новосоздадената Месечина со милиони години била прекриена со океан од вжештена магма пред целосно да се зацврсти.

Ова откритие дава нова рамка за проучување на други космички катаклизми низ вселената. Авторите посочуваат дека истиот принцип на пресметка на цврстината на материјалот може да објасни како настанал сателитот Титан околу Сатурн или како се поместила оската на Јупитеровата месечина Ганимед по некогашен силен удар.

Карпите што астронаутите од мисиите „Аполо“ ги донесоа на Земјата веќе потврдија дека судирот со Теја се случил околу 100 милиони години по формирањето на Сонцето. Делови од Теја веројатно и денес лежат закопани длабоко во внатрешноста на Земјата, а целиот настан овозможи услови без кои животот на нашата планета веројатно немаше да постои.

е-Трн да боцка во твојот инбокс