По историскиот пад на ПИСА тестовите, Словенија става крај на деветлетката

Првачињата се враќаат во градинка, стручната јавност предупредува на избрзани потези и можни уставни пречки.

Словенечкиот министер за образование Борут Рончевиќ најави укинување на деветгодишното основно образование и враќање на осумлетката од учебната 2028/2029 година. Одлуката доаѓа веднаш по објавувањето на резултатите од меѓународното тестирање ПИСА 2025, каде словенечките петнаесетгодишници покажаа пад во читањето, математиката и природните науки. Планот предвидува сегашното прво одделение да стане задолжителна подготвителна година во градинките.

Според планот што го презентираше државната секретарка Мојца Шкрињар, реформата треба да стапи во сила за две години. Децата наместо во училишни клупи, на шестгодишна возраст ќе бидат дел од задолжителна предучилишна програма водена од воспитувачи.

Министерот Рончевиќ тврди дека по две децении деветлетката не ја исполнила целта. Наместо полесно совладување на материјалот, знаењето на учениците паѓа, а описменувањето непотребно се развлекува низ првите три години. Новиот концепт предвидува враќање на поригорозни критериуми при оценувањето, построги правила и фокус на раната писменост уште во првата година од формалното образование.

Најавата веднаш предизвика остар отпор кај педагозите и синдикалните претставници. Главниот секретар на синдикатот СВИЗ, Бранимир Штрукељ, оцени дека импулсивниот одговор на лошите резултати е најлошиот можен потег на власта. Тој предупреди дека сложен образовен систем не се менува преку ноќ со популистички мерки и ја критикуваше најавата за полесен влез на кадри без педагошко образование преку таканаречени микродржавни квалификации.

Поранешниот министер за образование Винко Логај изјави дека е згрозен од најавените мерки, нагласувајќи дека ваквиот пристап внесува несигурност кај наставниците и родителите. Експертите од Педагошкиот факултет во Љубљана предупредуваат дека префрлањето на првата година во предучилишните установи може да отвори и уставен проблем, со оглед на тоа што словенечкиот Устав гарантира задолжително основно образование, но не и задолжителна градинка. Дополнително, претставниците на училиштата посочуваат дека за вистински промени е потребна системска поддршка на наставниците, а не механичко кратење на годините на школување.

е-Трн да боцка во твојот инбокс