Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста на Колективниот договор за култура врз основа на податоци дека платите во секторот се движат од 45.000 до 128.000 денари. Oд Синдикатот на културата, во изјава за Трн тврди дека тие бројки не постојат на сметките на 2.345 вработени во 123 установи и на 16 април најавија дека излегуваат на протест пред Министерството за култура.
Судот поведе постапка, но со чии бројки?
На седницата од 8 април, Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Колективниот договор за култура, по иницијатива на адвокатот Томислав Стефков. Во образложението, Судот се повика на податоци дека платите во културата се движат од 45.000 до 128.000 денари, бројки кои, според СКРМ, не кореспондираат со реалноста.
Пресметките на синдикатот, базирани на коефициентите од самиот Колективен договор, покажуваат поинаква слика: најниската плата за хигиеничар или парно-ложач изнесува 32.217 денари, а не 45.000. Највисоката плата, за балетски играч првенец или оперски солист, изнесува 88.964 денари, а не 128.000. Разликата кај најниската плата е 12.783 денари, пари кои, вели синдикатот, не постојат на сметките на вработените.
„Кој давал погрешни информации на Уставниот суд ние не знаеме, но затоа сме тука да укажеме каква е фактичката состојба со платите во културата”, изјави СКРМ за Трн.
80% од вработените со плати меѓу 35.000 и 55.000 денари
Според СКРМ, на скоро 80% од работните места во културата, библиотекари, кустоси, конзерватори, техничари платите се движат меѓу 35.000 и 55.000 денари. Тоа се позиции на луѓе кои чуваат музејски збирки, водат архиви и работат под кривична одговорност за заштита на културното наследство.
„Повисоко ниво на работнички права да се претстави како спорно е спротивно на основната логика на трудовото право, иако секторот култура нема значајно поголеми права или висина на плати од другите сектори”, нагласува синдикатот.
Договорот кој го чекаа 30 години, сега под уставна ревизија
Колективниот договор за култура го чекаа 30 години и го преговараа 15. „Овој Колективен договор е прв колективен кој воопшто се применил во културата. До тогаш се потпишуваа колективни договори само на хартија кои во пракса никогаш не беа спроведувани”, изјави СКРМ за Трн.
Финансиски почна да се применува во 2023, а веднаш по почетокот на примената, Министерството и синдикатот влегоа во спор околу начинот на пресметка на платите, кој резултираше со околу 800 тужби од страна на вработените.
Судот во 2021 немаше забелешки, сега има
За СКРМ, правната логика на Уставниот суд е тешко разбирлива. Истиот член 66 од Колективниот договор бил оспоруван и во 2021 година, тогаш Судот не нашол основа за постапка. Сега, по нова иницијатива на ист адвокат, Судот оценува дека договорот воспоставува „автономен систем на плати” надвор од законската рамка. „Што се промени, составот или нарачката?”, прашува синдикатот.
Судијката Добрила Кацарска на седницата застана на спротивната позиција: договорот е склучен во 2019 кога обврската за мислење од Министерството за финансии не постоела, а колективните договори по дефиниција треба да доуредуваат права кои законите не ги разработуваат.
Преседан без пример во Европа
„Не знаеме што ќе се случи со платите ако се укине Колективниот договор, но тоа би било преседан за една држава да укине колективен договор, нешто што, по наши сознанија, до сега не се случило во ниту една европска земја”, изјави СКРМ за Трн.
Синдикатот поднесе жалба до Меѓународната организација на трудот со барање за покренување постапка. „Во таа жалба се образложени со докази сите досегашни случувања во културата и со пресметките за плата и со иницијативата пред Уставен суд. Државата во секое време може да го промени курсот и да застане на страната на правдата и работничките права, а синдикатот е секогаш подготвен за дијалог”, изјави СКРМ за Трн.
Министерството даде позитивно мислење, но договорот е „застарен”
Министерот за култура Зоран Љутков нашол начин истовремено да биде за и против. Министерството по трет пат дало позитивна оценка за Колективниот договор, но министерот јавно го нарекол застарен и ги повикал синдикатите да преговараат за нов текст. Паралелно, тврди дека со тековната пресметка платите во културата пораснале за 12 отсто бројка која синдикатот ја оспорува со конкретни пресметки.
Денес, на денот пред протестот, синдикатот е повикан на состанок со министерот. Дали дијалогот по улицата ќе успее таму каде претходните обиди не успеале? Одговорот ќе го знаеме наскоро.
Ако договорот падне, со кој закон ќе се пресметуваат платите утре?
Доколку Уставниот суд го укине Колективниот договор, правниот вакуум е непосреден: Законот за култура не содржи методологија за пресметка на плати, не утврдува коефициенти и не предвидува формула. Најавен е и генерален штрајк во мај доколку не се постигне договор.
Протестот е закажан за утре напладне пред Министерството за култура.