Директорот на Скопскиот џез фестивал (СЏФ) Костадин Шурбановски соопшти дека си дал отказ од еден од најголемите и најзначајни македонски фестивали.
„По речиси 25 возбудливи години, заминувам од Скопскиот џез фестивал, во потрага по нови авантури и предизвици. Ви благодарам за поддршката и соработката, ви посакувам сè најдобро на приватен и професионален план. Се надевам дека ќе имаме прилика повторно да соработуваме“, вели тој во соопштението до медиумите.
Тој додава дека понатаму за прашањата што се однесуваат на Скопскиот џез фестивал, јавноста треба да се обрати кај Оливер Белопета, основач и долгогодишен директор на Скопскиот џез фестивал, кој го организира и Фестивалот на музика од светот Офф-фест.
По пензионирањето на Белопета, Шурбановски стана директор на СЏФ, но сите досегашни изданија ги организираа заедно. Скопскиот џез фестивал во 2009 доби Орден за заслуги на Македонија.