САД побараа од сојузниците во НАТО итно да се повлечат од Меѓународниот кривичен суд и да ја прекинат секоја поддршка за трибуналот, покажува дипломатски документ доставен на состанок во Брисел. Американскиот претставник Метју Витакер пред амбасадорите на 32-те земји членки предупреди дека Вашингтон внимателно ќе следи кој стои со Америка. Барањето доаѓа поради страв дека американски функционери може да се соочат со обвиненија за воени злосторства.
Американската мисија при НАТО им достави документ на сојузниците во кој наведува дека САД систематски ќе ги разбијат капацитетите на судот во Хаг. Вашингтон бара од членките веднаш да покренат постапка за напуштање на Римскиот статут, да го осудат наводното пречекорување на овластувањата и да ја запрат финансиската и материјална помош.
НАТО како сојуз не е потписник на основачкиот договор, но од 32 сојузници единствено САД и Турција не се членки на Меѓународниот кривичен суд. Останатите 30 држави, вклучително и Македонија како полноправна членка на Алијансата, се потписнички на Римскиот статут. Ова го става европскиот дел од пактот пред директен избор меѓу меѓународните правни обврски и барањата од Вашингтон.
Европските дипломати го оценија американскиот настап како шокантен. Франција и Холандија експресно го отфрлија барањето на Вашингтон. Француската делегација порача дека задржува непоколеблива поддршка за судот, а холандските претставници соопштија дека институцијата ја поддржуваат во целост.
Стејт департментот веќе најави построг надзор за земјите кои одбиваат да го отфрлат авторитетот на судот додека истовремено користат американска помош. Вашингтон претходно воведе санкции против високи претставници на судот, меѓу кои и претседателката Томоко Акане.
Од Меѓународниот кривичен суд одговорија дека притисоците нема да ја сменат нивната работа. Портпаролот на судот соопшти дека институцијата останува фокусирана на непристрасно и независно спроведување на мандатот во име на жртвите и правдата.
Судот е основан во 2002 година за гонење на геноцид и воени злосторства. Тензиите меѓу Вашингтон и Хаг траат со години, особено по обидите да се истражат дејствијата на американските сили во Авганистан, како и неодамнешните операции на американската војска во Карипското Море.