Во САД почна колапсот на нискобуџетните авиокомпании

Spirit Airlines, една од најниско буџетните компании, ги прекина сите летови и започна затворање на операциите, што може да предизвика раст на цените во американската авиоиндустрија.

Spirit Airlines, една од најпознатите нискобуџетни авиокомпании во САД, ги прекина сите летови и ја затвори услугата за корисници, откако не успеа да излезе од втората стечајна постапка.

Компанијата соопшти дека започнува „организирано затворање“ на операциите, а патниците со купени билети треба да бараат алтернативни летови кај други авиокомпании. За билетите платени со картичка ќе се врши автоматски поврат на средствата.

Затворањето доаѓа по наглиот раст на цените на авионското гориво, кои речиси се удвоиле од почетокот на војната со Иран. Тоа дополнително го погоди нискобуџетниот модел, кој зависи од евтини билети и голем број патници.

Одлуката ќе остави околу 17.000 вработени без работа, а само во мај Spirit имаше планирано околу 9.000 летови со 1,8 милиони седишта. Откажувањето на овие летови може да предизвика нов раст на цените во американската авиоиндустрија.

Spirit беше осма по големина авиокомпанија во САД и еден од пионерите на моделот со ултраниски цени. Нејзиното затворање е прв голем колапс на американска авиокомпанија по Midway Airlines, која престана со работа по нападите од 11 септември 2001 година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни