Ден на жалост во Киевската област по нападот со 17 загинати

Државните знамиња се спуштени на половина копје во Киевската област откако масовниот руски напад однесе 17 човечки животи.

Во масовниот руски ракетен и дронски напад врз Киевската област загинаа 17 лица, а најмалку 45 се повредени, соопштија украинските власти. Поради трагедијата, шефот на регионалната воена администрација Тимур Ткаченко за денеска прогласи Ден на жалост во целиот регион. Нападот беше изведен во текот на ноќта со балистички и крстосувачки ракети, како и со повеќе од сто беспилотни летала насочени кон цивилна и логистичка инфраструктура.

Украинската противвоздушна одбрана соборила голем дел од лансираните дронови, но не успеала да спречи удар на 24 балистички и четири ракети од типот „Циркон“. Нападите предизвикале сериозни оштетувања на складишта, производствени и логистички објекти, приватни куќи и железничка инфраструктура. Најголем број од жртвите се регистрирани во реонот на Бровари, а сериозни штети претрпеа и областите Буча и Фастив.

По нападот, украинскиот претседател Володимир Зеленски повторно побара од меѓународната заедница побрза испорака на системи и ракети за противвоздушна одбрана, нагласувајќи дека балистичките пресретнувачи можеле да спасат човечки животи. Од друга страна, руското Министерство за одбрана соопшти дека цел на нивните напади биле седум логистички центри кои, според нивни тврдења, се користеле за складирање воена опрема, компоненти за дронови и стока со двојна намена.

е-Трн да боцка во твојот инбокс