Русија со нови масовни напади врз Украина, Полска крена борбени авиони

Русија и утринава продолжи со интензивни воздушни напади со ракети и дронови врз Украина, при што на удар се најдоа и западните делови на земјата.
Фото: EPA-EFE/OLEG PETRASYUK

Поради близината на нападите до својата граница, Полска активираше борбени авиони и противвоздушни системи за заштита на својот воздушен простор.

Според гувернерот на Запорошката област, Иван Федоров, во најновиот комбиниран напад загинала една жена, а девет лица се повредени. Тој на Телеграм објави фотографии од местото на нападот, каде што се гледаат оштетени станбени згради.

Жесток удар утрово претрпе и градот Лавов, на западот на Украина. Целата територија на земјата од 4 часот изутрина беше под воздушна тревога поради предупредувањата од украинските воздухопловни сили за руски напади.

„Полските и сојузничките авиони дејствуваат во нашиот воздушен простор, а копнените системи за противвоздушна одбрана и радарско следење се ставени во највисок степен на готовност“, соопшти полското Оперативно командување преку платформата X.

НАТО-членките долж источниот фронт остануваат во состојба на висока подготвеност, особено по инцидентите во септември кога Полска собори руски дронови во својот воздушен простор. Во последните недели слични нарушувања се регистрирани и во Копенхаген, Минхен и Вилнус, каде што литванската престолнина ноќта спроти неделата привремено го затвори аеродромот поради пријава за група балони.

Руската армија во последно време ги засилува нападите како што паѓаат температурите, насочувајќи се кон украинската енергетска инфраструктура. Според украинските власти, оваа недела бил изведен најголемиот напад врз гасовната мрежа досега, а во саботата без електрична енергија останале околу 50.000 домаќинства во регионот Чернихив.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс