Третата најмала држава во светот официјално го менува името во Република Наоеро

Поранешен Науру официјално стана Република Наоеро. Промената има цел да го зајакне националниот идентитет, а ОН веќе го признаа новото име.

Пацифичката островска држава Науру и официјално го менува своето име во Република Наоеро, објави претседателот Дејвид Адеанг. Новото име е во согласност со традиционалниот назив на националниот јазик и претставува дел од напорите за зајакнување на културниот идентитет и историското наследство на земјата.

Со промената на името ќе се смени и меѓународната ознака на државата – наместо досегашната кратенка NRU, ќе се користи NRO. Жителите повеќе нема да се нарекуваат Науруанци, туку деи-Наоеро.

Претседателот Адеанг уште во јануари истакна дека целта е државата повторно да го користи своето автентично име, кое во минатото било поедноставено за полесен изговор од странци. Владата оценува дека оваа промена претставува симболично враќање кон сопствените корени и националниот идентитет.

Наоеро има околу 12.000 жители и е третата најмала држава во светот според бројот на население, веднаш по Тувалу и Ватикан. Независност стекнала во 1968 година, а во седумдесеттите години се збогатила благодарение на експлоатацијата на фосфати. По пропаѓањето на оваа индустрија, земјата западнала во сериозна економска криза.

Денес Наоеро е една од државите што најсилно ги чувствуваат последиците од климатските промени и порастот на нивото на морето. Владата се обидува да обезбеди странски инвестиции за финансирање на преселувањето на населението и изградба на инфраструктура на побезбедни локации.

Со оваа одлука Наоеро им се приклучува на државите кои во последните години ги менуваат своите официјални имиња за да ја нагласат својата историја и да се дистанцираат од колонијалното минато. Обединетите нации веќе ја евидентираа државата под новото име по официјалното барање доставено во јуни.

е-Трн да боцка во твојот инбокс