Search

Регресивниот маскулинитет наспроти родовата еднаквост

Општествената поларизација постојано расте, без желба од било која „страна“ да ја пружи раката и да најде заедничка точка кој може да биде сврзно ткиво на едно општество. Родовска поделба се базира на повеќе различни идеолошки ставови, еден од кои е и родот, родовиот идентитет и правото на жената истиот да го реализира согласно нејзините потреби, желби и идеи. Антипод на борбата за слобода на жената од родовите ограничувања е појавата на еден „нов“ тип на  регресивниот маскулинитет кој директно го поткопува цивилизацискиот прогрес кон родова еднаквост и еднакви услови за мажите и жените, односно слобода на жените да се реализираат согласно нивните желби и потреби.

Регресивниот маскулинитет не е некој термин кој често се среќава во литературата, меѓутоа ќе го искористам како поим кој би ја опфатил појавата на идеолошко и културолошко движење кое носталгично се обидува да ги зачува и врати „вистинските вредности“, ставови, однесувања и општествени норми кои ги идеализираат традиционалните родови улоги и карактеристики, притоа неизбежно поставуваќи го на пиедестал „вистинскиот“ архетип на маж. Појавата и неспорниот подем на ова движење претставува сериозен удар на родовата еднаквост, правата на жените и емоционалната благосостојба на целокупното општество.

Впечатокот ми е дека регресивниот маскулинитет доживува особено голем подем посткорона ерата со појавата на клонови и алитерации на Andrew Tate кои ги возвишуваат строгиот индивидуализам, постојаниот натпревар, доминација над другите и аверзија кон сè што се смета за ранливо или послабо, притоа најригидно дефинирајќи ги „вистинските“ родови улоги. Ова движење допира во најинтимните стравови и комплекси на индивидуата, пред се на младите мажи. Наместо здрав емоционален пристап кон себе си и односите во општеството, идеолозите/инфлуенсерите кои дејствуваат на ова поле го обесхрабруваат процесот на саморефлекција или изразувањето на емоциите, честопати стигматизирајќи ги овие постапки како слабости или одлики на (не)мажи. Истовремено приврзаниците и идеолозите на регресивниот маскулинитет често ги омаловажуваат сите, а особено жените кои не живеаат согласно нивната слика за жена-домаќинка. Не само тоа, овие идеолози често удираат директно во „модерната“ жена, најчесто обвинувајќи ја за ниски морални вредности, промискуитност, и генерално омраза кон секоја жена која не е „вистинска“ традиционална домаќинка согласно нивниот светоглед.

Оваа појава го овековечува циклусот на родова нееднаквост преку одржување на застарена динамика на моќ и напад и обезвреднување на сите кои не размислуваат согласно нивните вредности. Регресивниот маскулинитет директно ги поткопува напорите за постигнување поинклузивно општество, ограничувајќи ги и мажите и жените да го истражуваат целиот спектар на нивните способности и идентитети. Во својата суштина, регресивниот маскулинитет е бариера за личната и општествената еволуција, залагајќи се за враќање на рестриктивните норми на однесување, наместо прифаќање на разновидна и динамична природа на современите родови идентитети и односи.

Меѓутоа, многу едноставно би било да се заврши тука, на моралниот Олимп со критика на „погрешната“ идеологија. Примамлива е идејата гордо да се самопрогласиме дека ние (застапниците на полиберални и прогресивни ставови) сме во право, а „другите“ се на погрешната страна на историјата. Со таков пристап само ќе ја продолжиме поларизацијата и длабоко ќе се вкопаме во идеолошките ровови. Мораме да разбереме дека регресивниот маскулинитет не е само збир на штетни родови норми, туку симптом на пошироки идеолошки неуспеси во современото општество. Таа претставува прекумерна компензација за воочените закани за традиционалниот машки идентитет наспроти цивилизациските промени и развој. Повлекувањето кон регресивниот маскулинитет е очајнички обид повторно да се потврди стабилен идентитет среде дестабилизирачките сили на модерноста, глобализацијата и подемот на движењата за родова еднаквост кои дефинитивно ја загрозија стабилната родова хиерархија.

Кој е прогресивниот одговор?

Во тековниот дискурс околу родовата еднаквост и антиродовите движења, прогресивните напори, иако се добронамерни, честопати не само што не успеваат ефикасно да се спротивстават на регресивниот маскулинитет, туку истиот директно и го стимулираат и зајакнуваат. Оваа неефикасност произлегува од екстремната cancel culture, односно фокусот на површинската осуда на регресивните однесувања и ставови без да се навлегува во подлабоките идеолошки наративи кои ја поткрепуваат нивната привлечност.

Регресивниот маскулинитет, со својата привлечност на сигурност и традиционална сила во светот кој постојано се менува, допира до подлабоките општествени анксиозности и лични несигурности. Регресивниот маскулинитет нуди директен, иако според мене погрешен одговор на сложените прашања за идентитетот и целта на еден човек. Прашања со кои се борат многумина. Повторното оживување на традиционалните машки норми нуди привид на стабилност и идентитет наспроти дестабилизирачките ефекти на реалноста, нуди носталгично враќање кон перципираниот поредок каде родовите улоги беа јасни и неоспорени. Со едноставното осудување и фронтален напад на манифестациите на регресивна машкост, прогресивните кампањи отуѓуваат голема група на луѓе и потенцијални сојузници, претворајќи го она што би можело да биде дијалог во дихотомија и целосна рововска војна на идеологии.

Во Македонија често се среќаваме со вакви поделби и милитантни поделби на табори. Еден добар пример е нападот кон  Стефан Лазаров за несмасната реакција во неговиот подкаст. Прогресивните струи, веројатно фрустрирани од растечкиот бран на регресивен маскулинитет, агресивно и безобзирно тргнаа во напад на неговата личност и отпочнаа кампања за негово целосно општествена изолација. Го разбирам поривот, бидејќи многу пати и јас самиот сум се вклучувал во вакви конфликти на идеологии. Сепак, од денешна перспектива мислам дека тоа било сосема погрешно. Ваквите агресивни испади не само што не водат кон целта на прогресивната борба, туку сосема спротивно ги продлабочуваат рововите до степен на комплетно отсуство на комуникација помеѓу „двете страни“. Другата страна, во овој случај подкастерот, разбирливо сакајќи да се заштити себе си ќе дигне гард и ќе проба да го возврати ударот. Епилогот е тотална алинеација на двете страни. Спротивно на тоа, многу поразумен и ефективен пристап би бил обидот да се отвори дискусија и да се направи обид за меѓусебно разбирање. Најлесно е да се поделиме на табори во кои двете страни заштитнички и егоистички ќе речат ние сме во право, а вие сте силувачи/предавници.

Сличен пример е и транспарентот „Црквата да одјебе“. Целосно ја разбирам фрустрацијата кај одредени групи кои се чувствуваат нападнати од одредени екстремни религиозните институции (џамии и цркви) кои постојано се обидуваат да го регулираат животот на индивидуата согласно своите верувања. Сепак, ваквиот начин на комуникација целосно ја занемарува перспективата на луѓето чиј живот е длабоко и емотивно врзан со неекстремниот дел на овие религиозни институции. Постојат голем број на христијани кои се умерени и својата религија ја практикуваат во својата лична и приватна сфера, без намера да ги загрозат правата на останатите. Ваквиот начин на комуникација само ја продлабочува поделбата и нема никаков ефект освен што не дели до состојба на „војна“. Наместо „црквата да одјебе“ мораме да се обидеме „црквата да разбере“. Да, постојат многу радикални струи кои директно сакаат наше истребување, постојано делејќи не на исправни и „сатанисти“, меѓутоа постојат и умерени струи со коишто може да се разговара за заедничките вредности кои верувам дека постојат и целат кон општ добробит. Наместо тоа, со такви повици и акции, умерените струи полека ќе го дигаат гардот, а ние директно ќе придонесуваме кон поделеба на општеството.

Предизвикот лежи во решавањето на основните причини: општествените структури, културните наративи и психолошките механизми кои го прават регресивниот модел на машкост толку заводлив. Овој пристап бара да се движиме подалеку од напаѓање на регресивната идеологија, односно бара да се најде разбирање и решавање на празнините на кои овие однесувања често се одговор. Иако го немам конечниот одговор, првиот чекор би бил обид за намалување на поларизацијата и создавање простори за длабинска дискусија, истражување и изразување ранливоста на застапниците на таа идеологија, и крајно, редефинирање на силата во смисла на емоционална отвореност и емпатија. Искрено верувам дека мнозинството од двете страни не е инхерентно злобно, иако можеби „нивните“ верувања „нам“ ни се чинат такви. Верувам дека двете страни се всушност една страна која има искрени намери за подобар живот.

Во суштина, патот напред бара колективен напор за деконструкција и обнова на разговорот, а потоа и наративите, во овој случај околу мажественоста, но и во однос на многу други прашања кои не делат. Платформите на социјалните медиуми, со нивниот историски неспоредлив досег и влијание, станаа основно поле за политичка и идеолошка дискусија. Овде, наративите околу родот се конструираат, деконструираат и оспоруваат на дневна основа. Регресивиот маскулинитет, со својот акцент на традиционалните машки улоги и доминација, наоѓа моќна ехо комора, каде што таквите погледи можат да се засилат и да се шират со недостижна брзина и размер. Алгоритмите сами по себе приоритизираат содржина што предизвикува силни емоционални реакции, фаворизирајќи сензационалистички и поларизирачки перспективи кои ги зајакнуваат регресивните норми. Дополнително, анонимноста и оддалеченоста на дигиталните интеракции доведуваат до зголемена поларизација, отежнувајќи го конструктивниот дијалог.

Во оваа дигитална арена, дискусијата за родовите норми станува борба околу која наративите добиваат видливост и легитимност. Преку дигиталниот простор не се допира само до умовите на поединците, туку и се креира наративот и културниот бран што ги обликува општествените вредности и однесувања. Исходот од овој идеолошки крстопат значително ќе влијае на тоа како се разбира и живее родовиот идентитет, влијаејќи на сè, од личните односи до институционалните политики. Како таков, судирот околу родовите норми на социјалните медиуми е одраз на пошироката општествена борба за дефинирање на иднината на родовите односи.

Прогресивната страна мора да се обиде разумно и инклузивен начин да допре до опонентите, да ги демистифицира своите верувања и да појасни дека повикот за поинклузивна и правична визија за родот не е повик да се бришат разликите или да се наметне модел на човечки идентитет кој одговара на сите. Наместо тоа, тоа е покана да се прифати богатата лепеза на човечки искуства, признавајќи дека силата на нашето општество лежи во неговата различност и способноста на неговите членови да го изразат своето вистинско јас без страв од осуда или исклучување. Само така ќе можеме да создадеме иднина каде правата на жената не се сфаќаат како бариера или бојно поле, туку како мост за подлабоко разбирање и поврзување. Посветувајќи се на ова радикално преобмислување на пристапот, правиме клучен чекор кон свет во кој секој поединец има слобода да живее автентично и целосно, придонесувајќи за општество кое е побогато, пољубезно и поправедно за сите.

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни