Речиси 500 уапсени во Франција поради пожари: 70% осомничени за намерно палење

Во Франција од 1 јули се уапсени 474 лица под сомнение за предизвикување пожари, од кои 183 се малолетници. Околу 70% се сомничат за намерно палење.

Речиси 500 уапсени во Франција поради пожари: 70% осомничени за намерно палење

Речиси 500 лица се уапсени во Франција од почетокот на јули под сомнение дека предизвикале пожари, додека Европа се соочува со една од најтешките сезони на шумски пожари во последните години.

Според француското Министерство за внатрешни работи, од 1 јули се приведени 474 лица, меѓу кои 183 малолетници. Особено загрижува податокот дека околу 70 проценти од осомничените се товарат за намерно предизвикување пожари, додека останатите се сомничат дека пожарите ги предизвикале ненамерно.

Француските медиуми објавија и дека 15-годишник е приведен под сомнение дека е поврзан со пожарот на аеродромот во Бордо, во кој во јули загинаа двајца пожарникари.

Европа се соочува со огнена стихија

Во исто време, големи пожари беснеат низ повеќе европски земји. Во францускиот регион Ландес, стотици луѓе беа принудени да ги напуштат домовите поради пожар што брзо се проширил низ сувите борови шуми.

Во западна Германија, повеќе од 2.000 луѓе беа евакуирани откако пламените јазици се приближиле до селото Геј. Гаснењето дополнително го отежнува неексплодирана муниција од Втората светска војна, која детонира под влијание на високите температури.

Голем пожар беснее и во Белгија, во областа Хај Фенс, најголемиот природен резерват во земјата.

Омиш меѓу најпогодените области

Меѓу најдраматичните сцени во европската пожарна сезона е издвоен и пожарот во Хрватска, во областа Локва Рогозница кај Омиш. Пожарот, разгоруван од силни ветрови, зафати туристичка област, предизвика значителна материјална штета и доведе до евакуација на жители и туристи. Главниот началник на хрватската противпожарна служба Славко Туцаковиќ пожарот го опиша како исклучително силен.

„Беше моќен пожар, носеше сè пред себе“, изјави Туцаковиќ.

Во Шпанија се спасуваат и историски реликвии

Големи пожари беснеат и во Шпанија. На североистокот од земјата, припадници на армијата морале да ги преместат останките на тројца арагонски кралеви од 11 век од манастирот Сан Хуан де ла Пења, откако пожарот се приближил до историскиот комплекс. Пожарот зафатил повеќе од 9.000 хектари и предизвикал евакуација на 16 градови и села.

Уште поголем пожар во покраината Уелва зафатил околу 31.000 хектари.

Евакуации и во Грција

Драматично било и во Грција, каде што околу 500 туристи биле евакуирани со бродови од плажите на Халкидики. Фронтот на пожарот бил долг околу три километри, а пламените јазици достигнувале височина од околу 30 метри. Европскиот систем „Коперник“ предупредува на „многу екстремни“ услови за избувнување пожари во голем дел од континентот.

Екстремните температури и продолжената суша дополнително ја сушат вегетацијата, создавајќи услови пожарите полесно да избувнат и многу побрзо да се шират.

е-Трн да боцка во твојот инбокс