Search

Рапсодија во сино

Минатата среда, на самиот почеток на мојата редовна ТРН колумна, изразив сомнеж дека некој скришум ни ја пие водата од нашите три прекрасни езера. Денес веќе делува дека ситуацијата е далеку посериозна. Искрено се плашам дека се сосем во право сите оние кои упорно тврдат дека постои организирана светска завера против Македонија. Се разбира, тоа е масло на големите сили, Илуминатите и секако Масоните, а во соработка со нашите најголеми душмани – соседите. Светската влада во сенка, решителна во намерата да не уништи еднаш засекогаш, спроведува тајна операција во која наместо од езерата, нејзини агенти пијат директно од содржината нашите глави. Конспиративна агентура лакомо срка од нашиот прекрасен македонски ум. Умот ни го пијат драги мои, од ум раат да не видат!

Има ли поголем доказ дека немаме ум, дека ни е испиен, од последната полициска “акција“ на нашиот најреномиран летен Д Фестивал во Дојран? Д Фест е фантастичен и редок пример за успешен, современ, македонски продукт, нешто со што сме почитувани во регионот. Регион кој во последно време, онака нагалено сакаме да си го викаме Отворен Балкан. Д Фест ужива високо реноме токму во овој контекст, соработувајќи со водечкиот регионален фестивал Егзит на север и отворајќи ни потенцијална соработка со Грција на југ. Од година во година, Д Фест го крева нивото на понуда и квалитет, што јасно се гледа од задоволството на публиката и насмевките на лицата на младите луѓе кои го посетуваат во огромен број. Оваа година се чини беше најуспешното издание до сега, а атмосферата на љубов и нескротена позитива буквално се прелеа од социјалните мрежи врз нашава траорна македонска реалност.

Дали токму љубовта и очигледните количества позитивна енергија им засметаа на одговорните во Министерството за внатрешни работи, па традиционално го затворија фестивалот со рација? Тешко е да се процени. Музички фестивал е една од основните форми на забава и културно издигнување во современиот свет. Европските фестивали веќе имаат сериозна традиција и се неверојатно популарни, а претставуваат и значајни културолошки одредници во последниве децении. Токму слободата на однесување, доживување, комуницирање и уживање (па и на дроги во количини за приватна употреба) се есенцијални за музичките фестивали и фундаментални за современиот демократски и цивилизациски развој на западниот дел од светот. Се разбира и таму има полиција, но таа не ги вознемирува посетителите, уште помалку апси за ситни престапи. Полицијата е гарант за општата безбедност и СЛОБОДАТА која посетителите би морале непречено да ја уживаат во рамките на еден музички фестивал.

Во Македонија, полицијата е гарант за нарушување на приватноста и прокламираните права и СЛОБОДИ. Последниве месеци сме сведоци на комплетно ирационални рации и упади буквално секаде каде што има гужва. Полна ни е устата со европски вредности, а на улица спроведуваме тоталитарни методи од седумдесеттите години од минатиот век и тоа врз кого? Врз младите.

Која е пораката што со овој тип однесување македонската држава/влада ја испраќа до младите? Излезете во град во сабота навечер, опуштете се… или уште подобро: појдете на фестивал во Дојран за викенд, поминете си најубаво во живот, а потоа подгответе се за претрес и во следниот период за влечкање по судници за еден џоинт (цигара со марихуана која е легална за приватна употреба во речиси целиот цивилизиран свет). Супер порака, ќе се сложите, не? Особено во ситуација кога младината масовно ни емигрира. Промислено, нема што.

Актуелниот македонски миг е бремен од тежината на обидот да се стане дел од Европа. Уште помачно е безумното спротивставување на силни лоби групи, кои се решителни во напорот да не задржат приковани во живата кал на нивното омилено општествено уредување – “транзиција“. До повраќање сме притиснати од СЛОБОДНОТО ширење руски, кинески и разноразни фашистички агенди. По социјалните мрежи неказнето крстосуваат насилници кои отворено им се закануваат на сите кои се залагаат за било каква позитивна промена и напредок. Па се прашувам, кому му оди во прилог ова нерационално, недемократско, ретроградно однесување на Министерството за внатрешни работи? Дали и тие си го поставиле ова прашање?

Оттука па натаму, за жал следат само прашања. Прашања на кои не верувам дека некој ќе има доволно доблест да одговори. Најверојатно ќе се правиме на три и-пол, како и за секоја значајна општествена проблематика откога знам за себе. Резултатите на таа практика се очигледни и добро познати секому. Во меѓувреме, ќе си ќути-траеме и ќе ја спроведуваме единствената агенда која ја разбираме – МЕТЕОР ДА НЕ УДРИ. Се плашам дека тоа е единствен, каков-таков начин да ја запреме емиграцијата на новата прекрасна македонска младина која летово беше во Дојран, а следното лето, којзнае веќе каде.

Авторот е музичар

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

420

Последни колумни