На самитот на ЕУ-Западен Балкан што се одружува во Тиват, Црна Гора, албанскиот премиер Еди Рама изрази уверување дека регионот не треба да остане во „чекалната“ на Европската Унија. Тој нагласи дека е потребна посилна политичка динамика во процесот на европска интеграција.
Во разговор со медиумите, Рама посочи дека пораките на земјите од регионот конечно се слушнати и дека е потребно воспоставување нова динамика во односите со Европската Унија.
На прашањето кога Албанија ќе се приклучи на ЕУ, Рама одговори со интересна метафора: „Бог, секс и ЕУ, овие три работи не можете да ги предвидите.“
Во својот говор, Рама направи споредба помеѓу тековната ситуација и процесот на обединување на Германија, истакнувајќи дека тогаш немало комплицирана преговарачка рамка, како што е денес со 35 поглавја во процесот на пристапување на земјите-кандидатки.
„Кога Германија се обединуваше, немаше разговор за 35 поглавја. Тие знаеја што треба да се направи“, додаде Рама.
Коментирајќи го германско-францускиот документ за проширување на Европската Унија, Рама изрази надеж дека тоа е добра основа за понатамошни дискусии и можни потези во процесот,.
„Го гледаме овој документ и мислам дека е добар почеток за разговори“, рече тој, додавајќи дека Германија и Франција не сакаат да ги држат земјите од регионот во чекалната.