Путин призна: Украинските напади ѝ нанесуваат штета на Русија

Рускиот претседател потврди дека ударите врз нафтените рафинерии и индустријата го забавуваат темпото на економската активност во земјата.
Фото: EPA/ALEXEY DRUGINYN / RIA NOVOSTI

Рускиот претседател Владимир Путин призна дека украинската кампања на напади врз индустриските и инфраструктурните објекти во Русија и нанесува директна штета на домашната економија. На состанокот на Советот за стратешки развој во Москва, тој посочи дека надворешниот притисок и украинските удари влијаат врз темпото на економската активност, иако тврди дека тие не предизвикале критични последици.

Говорејќи за состојбата на руското стопанство пред членовите на Советот за стратешки развој и национални проекти, Путин посочи дека статистичките податоци покажуваат скромна, но позитивна економска активност. Тој сепак отворено рече дека украинските напади врз клучната енергетска и индустриска инфраструктура оставаат последици.

„Јасно е дека на темпото на економската активност удрија повеќе фактори, вклучително и надворешниот притисок, како и нападите врз индустриските и инфраструктурните објекти. Овие напади не доведоа, ниту можеа да доведат до критични последици, но сепак ни нанесуваат штета. Тоа го гледаме и во потполност го разбираме“, изјави Путин.

Во продолжение на состанокот, рускиот претседател најави дека власта ќе се фокусира врз плановите за остварување на долгорочните развојни цели на Русија. Меѓу приоритетите ги издвои демогафијата, образованието, дигиталната трансформација и технолошкото лидерство.

Според него, одржувањето на стабилен и квалитетен развој на домашното стопанство останува главен национален цил, за што се потребни повисоки стапки на раст во цела низа индустриски сектори.

е-Трн да боцка во твојот инбокс